Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Промоција на монографијата Свети Наум Охридски (26.11.2015 13:30)

На 26.11.2015 година во салата на соборниот храм Св. Климент Охридски се одржа промоција на монографијата СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ од академик Цветан Грозданов. Издавачи на ова монументално дело се МАНУ и Книгоиздателството „Матица Македонска“. Во своето слово пред присутните гости Архиепископот г.г. Стефан зборуваше за култот и почитта што ја има светителот на овие простори и пошироко, а и за содржината на книгата. Во првиот дел, како што рече Архиепископот, е претставен животописот на свети Наум преку еден од најстарите извори што постојат за него, но воедно се говори и за неимарската дарба на овој предан ученик и сотрудник на светите браќа Кирил и Методиј. Вториот е многу поконкретен и главно обединет околу една конкретна тема која ги опфаќа сите наслови – уметноста во манастирот „Свети Наум Охридски“. Во третиот дел, пак, се говори опширно и за култот на свети Наум, но не само во рамките на диецезата на Охридската Архиепископија, туку и на други страни во опкружувањето, на Света Гора, до Виена и Мишколц. Свое излагање и осврт кон книгата на Грозданов имаа Министерката за култура д-р Елизабета Канческа - Милевска и академик Владо Камбовски.

Извор: Скопска епархија