Синодска палата на Бугарската Православна Црква, Софија, 8 февруари (10.02.2005)
С О О П Ш Т Е Н И Е
По барање на Македонската Православна Црква, на 8 февруари 2005 г., во Синодската палата во Софија, се оствари средба-разговор помеѓу: Богословската комисија при Светиот Синод на Бугарската Православна Црква, во состав: Видинскиот Митрополит г. Дометијан, Русенскиот Митрополит г. Неофит, Доростолскиот Митрополит г. Иларион и главниот секретар на Светиот Синод, архимандритот Наум; и делегацијата на Македонската Православна Црква, во состав: Дебарско-кичевскиот Митрополит г. Тимотеј, Струмичкиот Митрополит г. Наум, Брегалничкиот Митрополит г. Агатангел и секретарот на Светиот Архиерејски Синод, протоѓаконот д-р Ратомир Грозданоски.
На оваа средба, којашто помина во духот на евангелската љубов и братското разбирање, се разгледа прашањето за изнаоѓање на патишта и начини за развивање на добрите односи меѓу двете помесни Цркви. Учесниците во разговорот се уверени дека оваа средба ќе помогне за сеправославното единство, за заздравување на врските меѓу Православните Цркви, запазувајќи ги и исполнувајќи ги заветите на Пастироначалникот Христос - Главата на Црквата.
Само со исполнување на евангелската заповед за љубовта можеме да сведочиме за нашата вера и за вечната Вистина во современиот свет.
Се надеваме дека, со Божја помош и поткрепа, ваквите плодотворни средби и разговори ќе продолжат и во иднина.
од Канцеларијата на
Светиот Архиерејски Синод
на Македонската Православна Црква