Vesti i nastani
 
 
 
 
 

До Хаџи СУЛЕЈМАН еф. РЕЏЕПИ, Реис-ул-Улема (15.01.2016 09:15)

 

 

 

Почитуван ефенди Реџепи,

 

            Со должно внимание го прочитавме вашето мини интервју објавено во дневниот весник „Дневник“ на 13. 01. 2016 година.

            Не можевме, а да не останеме зачудени со колкава леснотија, преку вашите коментари, односно одговори на прашањата, ги погазувате сите досегашни принципи преку кои се раководеше Исламската верска заедница, но и сите уставни верски заедници во Република Македонија. А тие принципи, вам добро ви е познато, својата суштина ја имаат од Законот за правна положба на Црква, верска заедница и религиозна група, како и од законската регулатива на речиси секоја религија. Споменатиот закон е јасен: Во надлежниот регистар се запишува црква, верска заедница и религиозна група доколку претходно веќе не е извршена регистрација на таква црква, верска заедница и религиозна група (член 9, ст. 3); Името и официјалните обележја на секоја нова црква, верска заедница и религиозна група треба да се разликуваат од називите и официјалните обележја на веќе регистрираните цркви, верски заедници и религиозни групи (член 10, ст. 1). Затоа, никако не можеме да сфатиме како е валидна оваа одлука, кога таа го нарушува актуелниот Закон за верски заедници и кога постапката за регистрација на верска заедница на православните Албанци во Република Македонија не е спроведена во согласност со законската постапка, бидејќи во случајот, како што се говори, е одминат надлежниот државен орган и не е побарано мислењето на оваа институција, кое е законски загарантирано. Според вашето, и МПЦ би требало да го оцени како валидно некое идно регистрирање на Исламска заедница на некој од муслиманските ентитети во Македонија, на бектешите итн.

 Во овој контекст нема да ви го одземаме времето и да ви ги објаснуваме и канонските одредби на светата Православна црква, зашто очигледно е дека со одговорот на второто прашање, самиот се прокламирате како експерт за православната теологија и Православната црква, воопшто.

Како Македонска православна црква сме подготвени да одговориме на сечија оправдана желба која го засега црковниот живот, секако, во рамките на нашата јуриздикција. Името Македонска, покрај другото, ја означува и територијалната припадност на православната црква на овие простори. Кај нас има место за секој православен, без разлика на националност, зашто ние се раководиме по Христовите зборови, кои надминуваат секаква национална, етничка припадност, па дури и општествена припадност: „Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Исус Христос“ (Гал. 3, 28). Не беше далеку, па затоа, верувам, ќе се сетите дека Македонската православна црква одговори позитивно на барањето на една православна жена од Албанија, чии родители се упокоени и погребани во Македонија, да биде извршен помен на албански јазик. Потоа Македонската православна црква го изрази и својот став дека каде што ќе има потреба и ќе биде побарано, да биде и служено на кој било јазик од страна на свештеник од МПЦ. Во оваа смисла, случајно се запрашувам, дали верската заедница со која раководите, искажала ваква или слична намера, дали големиот процент на муслимани, кои не се Албанци, доволно се вклучени, што е природно поради нивниот број, во работата на ИВЗ и нејзините тела итн.

Сметаме дека како верски заедници треба да го чуваме законскиот поредок на државата во која живееме, да опстојуваме на принципите кои јавно ги покажувавме и прикажувавме како верски заедници, да го чуваме и гарантираме етничкиот и верскиот соживот во Македонија. Затоа, да се воздржуваме од изјави од овој тип, зашто тие се противни на вистината, а како верници знаеме дека треба секогаш да се залагаме и да ја говориме вистината. Ние ви благодариме што со овој ваш настап покажувате грижа за православните во Македонија, само замолуваме тоа да биде правично и законски насочено – во рамките на веќе регистрираната православна јуриздикција во Република Македонија. Но повеќе од сѐ, ве замолуваме да постапуваме согласно тоа што нѐ поучува народната: да го гледаме и чуваме повеќе сопствениот, отколку туѓиот двор!

Поздравувајќи ве, ви посакувам секое добро.

 

Шеф на Кабинет на Поглаварот на МПЦ

 

Поводот за рекцијата може да го погледнете на следниот линк: http://www.dnevnik.mk/default.asp?itemID=7584AE286905A24C8A6CF314A04E11D7&arc=1