Барање за извинување и демант до порталите „Либертас“, „Народен глас“, „Плус инфо“ и „Доказ. мк“ (15.01.2016 09:04)
Поради невистинитиот и тенденциозен напис против личноста, но и институцијата Поглавар на Македонската православна црква, а со тоа и против самата МПЦ и православните верници, објавен на порталот „Либертас“ на 08. 01. 2016 година, со наслов „Поглаварот Стефан на „мрсна“ трпеза во строгите пости“, што потоа беше преземено и од неколку други портали во македонскиот медиумски простор, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан упати Барање за извинување и демант до порталите „Либертас“, „Народен глас“, „Плус инфо“ и „Доказ. мк“. Доколку не биде постапено согласно Барањето, заштитата на угледот на МПЦ и на институцијата Поглавар, ќе се бара по судски пат.
Почитувани,
На 08. 01. 2016 година, на вашиот портал беше поместен текст кој е исполнет со крајни невистини и истиот претставува директен напад на институцијата Поглавар на Македонската православна црква, на самата Македонска православна црква, но претставува и навреда на православната вера и верските чувства на православниот народ.
Фотографијата што ја имате приложено како аргумент за докажливоста на вашите наоди, воопшто не може да го потврди и оправда вашето тврдење, со што, повикувајќи се при тоа и на некакви очевидци кои не ги наведувате, што е несериозно за професионалното новинарство, лажно сведочите и ги соблазнувате православните верници.
Затоа, најнеодложно бараме, согласно законските прописи за медиумите во Македонија, да објавите демант и извинување за текстот, објавен на 08. 01. 2016 г. на вашиот портал. Воедно, бараме демантот да содржи извинување и истиот да стои објавен толку време колку што стои објавена дезинформацијата.
Доколку не го исполните Нашето барање, ве известуваме дека ќе бидеме приморани по судски пат да го заштитиме угледот на МПЦ и на институцијата Поглавар на МПЦ.
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
г.г. Стефан