Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на денот на светиот апостол Тимотеј на Плаошник (04.02.2016 21:54)

„Богато се излеа благодат во твојата уста, Блажени, и реки од догми излеа, кои ја напоија Црквата Христова, многуроден плод принесоа, Тимотее Христопроповеднику, богомудар апостоле“ (песна од Канонот на Утрена на свети апостол Тимотеј).

На 04.02.2016 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот апостол Тимотеј и на преп. маченик Анастасиј Персиец, како и по повод именденот на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Струмички г. Наум, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф, архимандритот Нектариј, игумените Гаврил и Григориј, протоереите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Љупчо Бакрачески, протоѓаконите Сашо Ристов и Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф се обрати пред верниот народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф ги причести оние кои со страв и побожност пристапија кон светиот Путир, а Митрополитот Тимотеј им подели нафора на верниците.

Од името на свештенството и монаштвото, како и од сите верни чеда од нашата Епархија, му го честитаме именденот на нашиот духовен водач Митрополитот Тимотеј, со желби и молитви кон Господа, Он да го чува на сите патишта негови, та уште долги години да Му служи на Севишниот, а нас да нè води на вистинскиот пат, кој води до Царството Небесно.

На многаја лета, Високопреосвештени Владико!

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Наоѓајќи се на брегот на Охридското езеро, под сводовите на храмот на светиот Климент Охридскиот чудотворец, на покана на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско- кичевски г. Тимотеј, му благодариме за поканата и можноста да кажеме збор-два за денешниот празник, дозволувајќи остатокот да го надополни Благодатта Божја, која денес изобилно се излева на ова место.

Овде секој камен си го пронашол своето место и го изобразил ова духовно светилиште, кое со векови наназад, но и во вековите кои доаѓаат ќе зрачи со благодат и спокојство, спокојство и мир кои денес и тоа како му се потребни на светот. На светот, кој што заборавил што е тоа спокојство, и што е тоа мир.

 

Возљубени во Господа,

На секоја богослужба, а особено на светата литургија свештеникот многу често им се обраќа на верниците со зборовите: Мир на сите! Но, што значат овие зборови, и за каков мир ни говори Црквата?

Драги браќа и сестри,

Црквата нè потсетува за мирот за кој пееја ангелите во Витлеем. Ни го испраќа мирот, што им го остави Спасителот на апостолите. Црквата ни говори за мирот со кој им се обрати Спасителот на своите ученици по Воскресението. Мирот, што го остави Спасителот на земјата, не е мир со кој ќе се смират природните стихии, не е мир меѓу човек и човек, ниту мир меѓу царствата земни. Мирот Христов, пред се е помирувањето меѓу човекот и природата, помирувањето меѓу човекот и сето создание Божјо, помирување на човекот со Бога. Мирот Христов, е повик и благослов за мир во нашите срца, за мир во душите, и мир во совеста. Зашто мирот Христов, живее само во она срце, во кое не постои роптање на Бога. Не постои роптање, туку сè се прима како израз на волјата Божја. Тој мир, ја исполнува чистата душа во која нема лукавство, со тој мир се смири и светиот Симеон Богопримец, кога во рацете го држеше Христа. Таков мир ни испраќа Црквата, но и не повикува да го проповедаме, и да го сведочиме мирот Христов по целата земја.

Да го сведочиме мирот Христов, зашто Христос е единствената потпора и сигурното пристаниште за секој човек. Да го сведочиме мирот, со зборови и со дела, зашто голема сила има примерот.Ние, повеќе го следиме и го практикуваме тоа што го гледаме, отколку тоа што го слушаме или знаеме. Само со добриот пример, ќе Го прославиме и Отецот наш кој што е на небесата, ќе ја исповедаме и својата вера, и ќе ја потврдиме науката Христова што ја проповедаме. Зашто ни една проповед не е посилна од делата, и ни една проповед појасно не ја сведочи верата од делата. Така се гради, и така се чува Црквата, со зборови, со дела и со примери. Затоа, одговорноста, но и благословот пред се почиваат врз оние кои Црквата ги поставила да бидат светило за светот. Светило кое ќе зрачи, и со примери и со дела. А со такви примери и такви дела ни сведочи митрополитот Тимотеј. Делата и трудот негов, на нивата Господова, јасно се видливи и јасно сведочат за верата негова. Јасно сведочи и свештенството на оваа епархија, за својот пастир и архиереј. А сведоци, сме и сите ние.

Високопресвештен владико, гледајќи и знаејќи ги Вашите дела, чувствуваме особена радост, што сме денес овде во Охрид, заедно и со другите браќа архиереи за да ви го честитаме именденот. Радоста наша е особено голема што сме едно, и што го сведочиме единството, на начин кој нема алтернативи или супститути. Тоа единство, е единство во Евхаристијата, во едната чаша. Таквото единство е потврда на сета наша вера и надеж, и само тоа единство ќе остане и ќе трае, сега секогаш и во сите векови.

Честит именден и на многаја лета. Амин!

 

Митрополит Кумановско-осоговски Јосиф

 

4.02.2016 година

ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник

Охрид

 

извор: Дебарско-кичевска епархија