Излезе од печат ново издание на православното списание „Премин“ (15.05.2016 11:28)
Деновиве излезе од печат најновиот број на списанието за духовни вредности „Премин“, посветен на преподобен Гаврил Велички.
Луѓето веќе не се
На смртта
Црни робови
Ни слепи,
Изгубени
Патници,
А на Оца небесен
Мили синови
Првенци,
Наследници
На Неговите
Вечни венци.
Преподобен Гаврил Велички
Христос воскресе!
„Бог не сака со нас да постапува како со наемници, туку како со Свој најмил пород на срцето. Кога ни дава некој дар, сака тоа да биде наше барање, наша желба и наша вистинска потреба, па кога ни ја исполнува желбата по долго или кусо време, кога тоа нам најмногу ни одговара, сака и Он да учествува во нашата радост, исто онака како таткото што се радува заедно со своите деца, кога ќе им донесе подарок што тие одамна од срце го сакале.
Нашето барање преку усрдност и молитва, преку ревносно служење на Бога и престојување во Него, претставува само обично тропање пред вратата на Бога. Неговите патишта се мошне разновидни и несознајни. Човекот е должен да тропа со труд, вера, пост и молитва. Само да тропа обично и просто, еднаш, двапати или повеќепати, па да застане и да чека. Вратата на Бога можеби нема веднаш да се отвори по чудо, но подоцна, во свое време, секако ќе се отвори. Колку повеќе чекаме, толку повеќе расте веројатноста дека Бог ќе ни ја отвори вратата на Својата милост, ќе ги рашири рацете и со Својата татковска љубов ќе го прими синот, жеден за татковска љубов, ќе го привлече и прегрне.
Колку и да Му се молиме на Бога, зарем ќе биде повеќе отколку што вложуваме труд во обичните физички работи? Ако повеќепати во денот ги подигнеме рацете кон Бога, ќе биде ли повеќе отколку градинарот, кој од темни зори до вечер ги подигнува рацете кон дрвото за да ги собере плодовите што му ја носат неговата корка леб; или повеќе отколку рударот во темната јама? Колку и да се наведнуваме правејќи метании, можат ли тие да бидат повеќе отколку жетварот кој се наведнува под жешкото сонце, по цел Божји ден, а понекогаш и ноќе? Ако ние толку многу труд вложуваме заради физичкиот леб, не е ли, исто така, неопходно да се трудиме и за лебот на нашиот дух? Молитвата претставува леб за душата и никогаш не би требало да ни здодее да Му се молиме на Бога. Во мислите непрестајно треба да бидеме во врска со Него. Духовната глад секогаш ни е потешка од физичката. Поради тоа, потребно е непрестајно да одржуваме врска со Него. Без таа Негова врска, ние би престанале да постоиме.
Времето потрошено за Бога, грешиме ако го сметаме за изгубено, или, пак, недоволно искористено, како што честопати си мислиме. Некојпат можеби ќе се најде некој безверник да нѐ укори, префрлувајќи ни каква полза имаме од секојдневното повторување на речиси исти молитви, кои одамна сме ги научиле напамет. Такво нешто, било да чуеме отстрана, било да се зачне во нашиот ум, доаѓа од лукавиот, кому му пречи нашиот успех, зашто добро знае дека тоа е света работа и претставува чисто богатство кое се чува на небото. А сатаната оттаму не може да го грабне.
Патиштата што водат кон Бога и нашиот Спасител, во својата основа се прости и едноставни. Нив ги компликува, отежнува или оневозможува нашето сладострастие и неумерените животни желби, кои невнимателно и потсвесно стапуваат во контакт со непријателот на нашето спасение. Па поради тоа, молитвата кон Бога претставува не само леб на душата, туку нешто повеќе од тоа – нејзин живот. А Бог, Кој ги знае и гледа нашите потреби и желби, ќе направи она што секој татко би го направил за своето добро и послушно дете, зашто Бог е Татко на татковците. Татко на сите.“ – Преподобен Гаврил Велички
Содржина
1. Вовед: Радост за Светиите
2. Преподобен Гаврил Велички: „Невидливиот“ од Светиите
3. Светоотечка ризница: Духовната глад секогаш ни е потешка од физичката / преподобен Гаврил Велички
4. Светилникот на нашето време / Митрополит Струмички Наум
5. Краток осврт кон книжевното дело на преподобен Гаврил Велички / Петар Георгиевски
6. Сеќавања за мојот професор / Славјанка Велјановска
7. Patristic Treasury / Whoever Thinks Evil of His Enemies Does Not Have Love for God
8. Страшниот суд над Бога / преподобен Јустин Ќелиски
9. „Дојдете, ајде, сите да Му се молиме на Бога…“ / о. Горан Стојчевски
10. Молитвa / проф. д-р Венко Андоновски
11. Слово за Неделата на Православието / проф. д-р Калин Јанакиев
12. The Last Man Standing / јеромонах Г.
13. За воспитувањето на децата и младите / о. Григориј и д-р Александра Јакимови
14. Ако не заврне напролет, џабе е дождот подоцна / о. Константин и Анка Митеви
15. Сочувајте ја љубовта што сте ја пронашле и борете се за неа докрај / интервју со Марјанчо Бигорски
16. Хистерија / д-р Дмитриј А. Авдеев
17. Влијанието на современиот начин на живот врз говорот на децата / д-р Марија Настева-Џекова
18. Го имаме целиот свет, а стануваме асоцијални / јеромонах Григориј
19. Генетски модифицирани организми (ГМО) / о. Илија Букушовски
20. Хомосексуалноста ̶ генетска предодреденост, болест или право на избор / монахиња Февронија
21. Лесновскиот манастир – значаен средновековен културно-книжевен центар / Невенка Џумурова-Јањатова
22. Писмо / Јанко Илковски
23. Да се вратиме на почетокот / Мики Делев
24. Занимливости: Затвореници-иконописци
25. Детско катче: „Од Јас-градот во Ти-градот“ (3 дел) / Мирсини Вигопулу
26. Кога срцето копнее... / монахиња Григорија