Осветување на крст во манастирот Св. Атанасиј во с. Лешок, Тетовско (27.05.2016 10:25)
Големо црковно-народно торжество го украси денес (27 мај 2016 година) древното православно македонско светилиште – манастирот "Св. Атанасиј Велики" во с. Лешок. Во организација на Руската амбасада во Република Македонија и Тетовско-гостиварската епархија при МПЦ-ОА, во дворот на манастирот беше осветен новопоставениот импозантен мермерен крст, изработен по образот на крстот од Валаамскиот манастир. Крстот е дар во спомен на монасите од Спасо-Преображенскиот манастир на островот Валаам, во Русија, кои изгонети од својата духовна татковина, прибежиште нашле токму во Лешочкиот манастир, каде што се населиле и го продолжиле својот подвиг.
Со чинот освет на Чесниот крст началствуваше Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежниот архиереј, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, како и Митрополитот Дебарско - кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион и повеќе свештенослужители.
Домаќинот на оваа свеченост, Митрополитот г. Јосиф ги поздрави присутните гости и им посака добредојде на овој духовен празник, кој го исполни со благодат манастирот, но и со верен народ дојден од Лешок, од Полошкиот регион, од Скопје и од други места во РМ.
Покровителот на церемонијата, Амбасадорот на Руската Федерација во Р. Македонија, Неговата Екселенција господинот Олег Шчербак, ја истакна благодарноста на рускиот народ за љубовта и гостопримството што тогаш го покажал македонскиот народ кон прогонетото руско духовништво.
Покрај осветувањето на Крстот, во оваа пригода Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква додели и два ордени. Имено, таа го одликува Неговото високопреподобие, игуменот г. Методиј (Петров) од Спасо-Преображенскиот Вааламски манастир - Русија, со ОРДЕН НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ, ОД ПРВ РЕД за неговиот придонес во зацврстувањето на духовните врски меѓу Руската и Македонската православна црква и промовирањето на духовната култура меѓу македонскиот и рускиот православен народ, а господинот г. Андреј Николаевич Деменко со ОРДЕН НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ, ОД ТРЕТ РЕД за неговата подршка на македонските православни светињи и промовирањето на православните вредности, како и продлабочувањето на духовните врски меѓу македонскиот и рускиот православен народ.
Извор: Тетовско-гостиварска епархија