Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (10.06.2016 17:44)

Поглаварите и претставниците на црквите и верските заедници во Република Македонија (РМ), на 10. 06. 2016 година одржаа заедничка средба во Скопје, на која разгледаа повеќе аспекти од религиозниот и општествениот живот, како и повеќе прашања со кои секојдневно се соочуваат верниците.

            Особено внимание беше посветено на актуелната политичка состојба, која ги засега сите граѓани и институции во РМ. При тоа, верските поглавари уште еднаш упатуваат апел, особено до партиските лидери и надлежните институции, за вложување напори за надминување на кризата преку конструктивен дијалог и ставање на државните и народните интереси над личните и партиските.          

 

Од средбата произлегоа и следниве заклучоци:

 

- Црквите и верските заедници во РМ стојат на својот порано искажан став дека кризата во едно општество, особено моралната криза, е производ на оддалеченоста на човекот од Бога и недоволните познавања на религијата и нејзините морални принципи. Затоа, Црквите и верските заедници во РМ упатуваат апел до Владата на РМ, односно Министерството за образование и наука, со закон, во најбрз можен рок, веќе од следната учебна година, да се даде заслуженото место на предметот „Етика во религиите“ и истиот да се воведе како задолжителен. Предавачи да бидат квалификувани лица, потврдени од Црквите и верските заедници.

- Црквите и верските заедници, по примерот на бројни држави, сметаат дека е неодложно и присуството на свештени лица во Армијата на РМ, преку воведувањето на војнички капелани.

- Верските поглавари укажуваат и на потребата од присуство на духовни лица во болниците – преку службата на болничките капелани.  

            - Претставниците на Црквите и верските заедници во РМ апелираат до Министерството за труд и социјална политика за важноста од учество на религиите, преку свештенството и верските службеници, во остварувањето на верските права како и во процесот на ресоцијализација на луѓето што се огрешиле против Законот и отслужуваат казна во македонските затвори.

           

Впрочем, Црквите и верските заедници се реалност, присутни се во Уставот. Според тоа, за секое општество кое е демократско, ваквите барања и иницијативи се добредојдени и истите треба да се најдат во законски рамки.           

  

Скопје, 10. 06. 2016 г.

 

 

1. МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА-

                                                                    ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА

                                                Архиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан

 

                                                         

          2. ИСЛАМСКА ВЕРСКА ЗАЕДНИЦА ВО РМ

Реис Ул Улема, Хаџи Ефенди Сулејман Реџепи

 

                                                                   

      3. КАТОЛИЧКА ЦРКВА ВО РМ

                                                Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх, д-р Киро Стојанов          

 

                                                         

        4. ЕВАНГЕЛСКО-МЕТОДИСТИЧКА ЦРКВА ВО РМ

      Проповедник, г. Михаил Цеков

 

                                                                 

    5. ЕВРЕЈСКА ВЕРСКА ЗАЕДНИЦА ВО РМ

                                                     Госпоѓа Берта Романо-Николиќ, претседател