Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Вечерна на преподобен Наум Охридски во Охрид (04.07.2016 15:11)

„Навистина, со радост и веселие на душата си дошол дури до прекрасните живеалишта во домот Божји, себлажени, каде што е гласот на оној што празнува, отче, каде што се слушаат прекрасни зборови, слатки пофалби, и неискажлива радост и сладост, блажени. Откако само нив ги засака, телото го умртви и нив ги прими, украсувајќи се со божествената правда, и молејќи Го Христа, Кој на светот му дава милост голема“ (стиховна стихира на Вечерна на преподобен Наум Охридски).

Преблажениот Наум, кој ревносно го следеше примерот на Христовите апостоли, како и на своите двајца учители, Кирил и Методиј, неуморно го проповедаше Евангелието на народот во Македонија и ја вложуваше љубовта Христова во секоја човечка душа. Ова неуморно дело на храбриот Црноризец, нашиот народ никогаш нема да го заборави, па оттука и доаѓа таа почит кон преподобниот Наум. Затоа и верниците од Охрид и од поблиските градови, како и големиот број верници од соседна Албанија, со часови чекаа на жешкото сонце, за да се поклонат на гробот на Светителот и да го помолат тој да биде нивни застапник и молитвеник пред Господа.

Прославата во чест на преподобниот Наум Охридски Чудотворец започна на 02 јули во манастирот на Белото Езеро, кој самиот го изградил, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф, архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, игуменот Григориј, свештениците Димче Азески и Владо Недески, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. Откако заврши Вечерната богослужбба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Вечерва, нашата света Црква прославува еден од Божјите угодници, преподобниот Наум, Охридскиот Чудотворец. Преку прославувањето на Божјите угодници светата Црква има за цел да нè поучи. На светиите не треба само да им се восхитуваме и да ги почитуваме, туку, пред сè, да ги поддржуваме. Односно, да одиме по оној пат по кој оделе тие. Да водиме таков живот, каков што живееле тие. И секој еден светител имал свој сопствен пат. Но, Бог, уште во Стариот завет му кажал на еврејскиот народ: „Бидете свети, затоа што сум свет, Јас Господ, вашиот Бог" (Левит 19, 2). Затоа во светата Црква постојат повеќе видови на светии. Едни се прославуваат како светители, други како преподобни, трети како маченици, пустиножители и други. Сите оделе по различен пат, но имале една цел, а тоа е уподобување на Бога и остварување на светоста. Секој човек е создаден и повикан да ја оствари таа можност, бидејќи е создаден според образот и подобието Божјо, а неговата душа тежнее да се соедини со својот Создател и Промислител. Додека, пак, телото, коешто е храм на душата, тежнее, честопати, бивајќи создадено од земја, кон земните работи. Затоа постои дуализмот кај секој човек, или со други зборови, постојана борба помеѓу душата и телото. Божјите угодници, пак, се тие кои ѝ дале предност на душата, а преку тоа и на Бога. Со нивниот живот, преку молитва, пост и подвизи, се издигнувале кон небесните височини и го исполнувале повикот Божји: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Мт. 5, 16).


Свети Наум, кој е еден од учениците на светите браќа Кирил и Методиј, имал долг и трнлив пат. Тој, заедно со неговиот сотрудник свети Климент, ќе ги следат светите браќа во Моравската мисија каде ќе го проповедаат словото Божјо на словенски јазик. Заради оваа просветителска дејност ќе бидат обвинети дека проповедаат на недозволен јазик и затоа ќе претрпат страдања, малтретирања и прогон. Ќе бидат протерани од Моравија, а засолниште ќе најдат кај царот Борис во Плиска. Но, таму ќе претрпат друго шиканирање, во Моравија од латинското свештенство, а во Плиска од грчкото. Најпосле ќе дојдат во овие наши простори каде што непречено ќе го словат словото Божјо на разбирлив мајчин словенски јазик. Ќе преведат богослужбени книги, ќе основаат училиште, а свети Наум, подобно на својот собрат свети Климент, ќе го основа овој манастир посветен на светите Архангели. Тука ќе се подвизува, ќе учи, ќе го утврдува стадото Христово во православната вера, живеејќи свет испоснички монашки живот. Поради неговиот подвиг и свет живот, Бог богато ќе ја излие Својата благодат врз него. Уште додека е телесно жив, со силата Божја, ќе лекува најразлични болести, ќе изгонува нечисти духови, а особено Божјата благодат се излива над свети Наум по неговото преселувањето од овој времен живот во вечноста.


Неговиот свет гроб е лекувалиште на секоја христијанска душа која со вера и надеж му се обраќа за помош, за утврдување на верата и исполнување на законот Божји. Свети Наум со неговите молитви им помага на сите луѓе. Тој од нив бара само цврсто и непоколебливо верување дека Бог е Милостив и подготвен на секоја душа да ѝ помогне која нема сомнеж ни дилеми дека Бог е Семоќен и дека сака сите луѓе да се спасат и да спечалат вечен и блажен живот.


И ние вечерва, наоѓајќи се во неговиот свет манастир, да се обратиме со искрена молитва кон свети Наум, Охридскиот Чудотворец. Нека измоли милост Божја над сите нас кои го чествуваме и прославуваме неговиот свет спомен. Да ни ја умножи љубовта и да ни ја утврди верата. Па да ја сведочиме верата православна на секое место и во секое време, прославувајќи Го Семилостивиот Троичен Бог сега и во сета вечност. Амин!

 

Вечерна на преп. Наум Охридски
02.07.2016 год.
Манастир „Св. Наум Охридски"

 

Извор: Дебарско-кичевска епархија