Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Рождеството на Претечата – торжество за Бигорски (07.07.2016 15:43)

24 јуни/7 јули 2016 лето Господово

Не бој се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован. И ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање (Лука 1,13-14). 

Рождеството на славниот Претеча е радост преголема, радост сеопфатна. Зашто, ова необично Рождество е предвестие и претеча на полнотата од радоста Божествена од неискажливото воплотување на Словото Божјо. Одблесок на таа Иванденска радост најсилно се читаше на облагодатениот лик на нашиот возљубен Старец и верен служител на Крстителот, Архимандрит Партениј, како и кај целото наше братство и сестринство и огромното мноштво верни, кои пристигнаа на торжествената, сеноќна, роденденска прослава во Свештената Обител Бигорска. А заедничкото славење на овој значаен настан од спасението на човечкиот род, го донесе во Манастирот нашиот драг и пријатен гостин и поранешен бигорски собрат, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, кој претстоеше на долгото и преблагодатно молитвено собрание. Повеќечасовниот молитвен подвиг не ги спречи сепак ни најмалите од кампот за веронаука, со своите чисти детски гласови, да го воспеат Раѓањето на оној кој уште од утробата беше избран да биде гласник и претшественик на Словото Божествено. Утрото, пак, Манастирот со својот празничен амбиент направи достоинствен пречек на нашиот возљубен архипастир, Митрополитот Тимотеј, како и на многупочитуваниот Митрополит Тетовско-гостиварски, г. Јосиф, уште една фиданка од бигорскиот духовен расадник. Беше тоа една чудесна Света Литургија возглавена од нашиот надлежен архиереј и украсена со вдахновеното духовно наѕидание и пофално слово кон „најголемиот меѓу родените од жена“, со кое ги удостои присутните митрополитот Јосиф:

„Свети Јован, денешниот славеник, уште пред да се роди бил навестен дека ќе биде голем пред Господа, кој со својата личност и дело ќе обрати многу синови Израилеви кон Господа (Лука, 1,15-16). Токму Господ Исус Христос, говорејќи за свети Јован, го запрашал своjoт народ: Што излеговте да видите во пустината? Трска ли што се лулее на ветар? – Ви велам: меѓу родените од жена нема ниеден поголем пророк од Јован Крстител (Лука 7,24-28). 

Свети Јован живеел на границата меѓу Стариот и Новиот завет. Тој е последен старозаветен пророк, а како Христов Претеча го подготвувал Неговото доаѓање, станувајќи учесник во новото Христово Царство, зашто тој е глас што вика во пустината: Подгответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустината патеките за нашиот Бог... (Иса. 40,3-5). Црковното предание го именува и како голем пророк, силен со духот, истраен подвижник, земен ангел и ангел во тело, светилник на светот, деница на незаодното Сонце итн. И има ли поголем дар од тоа што тој, по промислата Божја, но и заради своето срце, се удостоил да биде Претечата и предвесникот Христов – и на земјата, и во адот. Свети Јован е дотолку голем, што се удостоил да го впери прстот во Христа и да ги искаже зборовите пред кои целата природа и целото човештво занемеле: Еве Го јагнето Божјо, Кое врз Себе ги зема гревовите на светот. 

Наоѓајќи се денес во едно од најголемите современи македонски духовни светилишта, во оваа лавра на македонското монаштво и македонските манастири, можеме само да потврдиме каков и колкав впечаток оставиле ликот и делото на свети Јован врз подвигољубивите и монахољубивите души од целиот човечки род. Не без цел му пееме во пофалните песни: Радувај се, Јоване, началнику на пустиниците и тврда и неразрушлива крепост на испосниците, зашто преку тебе, Христос даде образец за пустинскиот живот. Каков поттик дава овој најблагословен пророк – е доказ и ова братство. Љубовта кон Бога, послушанието кон Божјата промисла е смисла за секое добро и спасително дело. 

А свети Јован беше сè за Бога: и пророк, и апостол, и праведник, и маченик. Тој е образец и за современиот човек – образец за скромност, вистинољубивост и правдољубивост, за трпеливост, доблести што на модерниот човек му недостасуваат. И еве ги личностите што вистински оставиле трага во историјата. Еве какви треба да бидат нашите примери. Не тоа да се современите идоли кои младите ги обожаваа, а кои ниту учат ниту говорат за вистинските вредности. Нам и на нашите деца, пример за следба, лични херои треба да ни бидат луѓето кои во себе го вселиле Христа, кои станале Христоси. 

Кога денес се соочуваме со искушенија на сите страни, треба да сме благодарни што имаме тивко пристаниште како овој Јованов дом, а уште повеќе што во овој дом имаме домаќини полни со љубов и гостопримство, кои доследно го исполнуваат делото на отецот на православното монаштво, кои како претечи го најавуваат и пророкуваат Евангелието таму каде што тоа повеќе не се слуша или се заборавило, кои како крстители – покрстуваат со вода и дух, но и во покајание и покајнички солзи, кои воведуваат во верата и насочуваат кон преданието на Црквата. 

Животот и делото на свети Јован Крстител нека ни бидат секогаш пред очи, нека нè поттикнуваат да не забораваме дека сме Господови и дека волјата Божја треба да ја исполнуваме со смирение и кротост, во покајание и молитва. 

На игуменот на оваа Света Обител, Архимандритот г. Партениј, на братството и на сестринството од метохот, им го честитам денешното торжество на роденденот на патронот на овој манастир. Светата Литургија нека е на здравје и спасение. Амин!“ 

 

 

Извор: Бигорски манастир