Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Свети пророк Илија - Илинден и светите Пречистански преподобномаченици (03.08.2016 13:01)

„Чудесен Илија, ти се удостои за богојавление и за пророштва, како и великиот Мојсеј, помазувајќи со Духот пророци и цареви. Беше созерцател и на славата Христова на Таворската Гора, и пееше: Благословен си, Боже, на нашите татковци“ (песна од канонот на Утрена на свети пророк Илија).

По Божјата милост и допуштение, еве и оваа година го прославивме светиот и славен пророк Илија, разобличителот на гревот, ангелот на земјата, кој повторно ќе дојде да сведочи за Второто Христово пришествие. Почитуван како ревносен исполнител на заповедите Божји и борец за правда, празникот на светиот Илија станал и симбол на нашата верска и национална борба за слобода.

Централната прослава на овој голем верски и национален празник во нашата епархија, како и празникот на светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, се одржа во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, а истата започна ден порано, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, протоереите Никола Христоски и Стевчо Тошевски, свештениците Владо Недески, Александар Матески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната. беше отслужен и Акатистот, посветен на преподобните пречистански маченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј.

Торжествата продолжија утредента, на 02.08.2016 година, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение наМитрополитот Агатангел, Митрополитот Јосиф, протоерејот Никола Христоски, еромонахот Ефросиниј, свештениците Владо Недески, Александар Матески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Васил Ристовски. По завршувањето на Литургијата, беше направен и Парастос, во спомен на сите оние, кои ги положиле своите животи за слобода на македонскиот народ и црква. Потоа беше прочитано и Илинденското послание, кое ви го пренесуваме во целост.

Извор: Дебарско-кичевска епархија