На празникот на свети Климент Охридски и свети великомаченик Пантелејмон во Охрид (10.08.2016 10:36)
„Отче Клименте, хранет со млекото на доблеста, си го достигнал врвот на добродетелите. Горен, пак, од огнот на љубовта, ти си бил правило на кроткост и воздржување; а како извор на милост и бездна на сострадание, си ја оцрнил калта на страстите. Но, како најбрза помош и скоро застапништво на оние што верно те призиваат, мирољубив отче наш Клименте, јави се и сега со духот, и запази нè, и спаси нè од гревот што нè мачи, зашто имаш голема смелост пред Господа“ (Стихира на Слава... на Господи повикав... на Вечерна богослужба на свети Климент Охридски Чудотворец).
Избран од Бога Господа, светиот Климент Охридски, беше поставен како камен, кој ги урива бесовските напади, ги одвраќа прелестите, ги запира лагите на многубошците. Верниот учител и просветител на македонскиот народ, ги приведе своите чеда во вистинската вера, будејќи ги заспаните во мракот на незнаењето и осветлувајќи ги со незаодната Светлина. Токму затоа, нашиот народ никогаш нема да го заборави светиот Климент. И ние недостојните слуги, не го заборавивме делото на твоите раце, и верно дојдовме на твојот гроб, да се допреме до твоите мошти, од кои еве веќе 1100 години се излива благодатта на исцелението.
Празнувањето на светиот Климент Охридскиот Чудотворец, како и чествувањето на големиот Јубилеј 1110 години од неговото упокојување, започна во вечерните часови на 08.08.2016 година, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебраско-кичевски г. Тимотеј, протоерејот-ставрофор Сашо Богданоски, протоереите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Димче Азески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконите Антонио Дујовски и Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната богослужба, Архиепископот Стефан се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, во која искажа благодарност кон свети Климента за сите негови дела и застапништва пред Бога, истакнувајќи ја универзалноста на свети Климента, за кого рече дека тој не е од никого, но и од секого. На Вечерната богослужба присуствуваа претставници од Локалната самоуправа на град Охрид, претставници од МАНУ, кои беа предводени од претседателот на МАНУ академик Таки Фити, како и претставници од повеќе Академии од соседните и од други европски земји. Истите положија свежо цвеќе пред Светиклиментовиот гроб. Во подоцнежните часови, беше отслужен и Акатистот на свети Климент Охридски.
Торжествувањето на новиот апостол Павле во Македонија, продолжи утредента, на 09.08.2016 година, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритите Нектариј и Партениј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, игуменот Агатон, протоереите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Димче Азески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконите Антонио Дујовски и Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот народ, со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска нашата света Црква го прославува големиот Божји угодник свети Климент, Охридскиот чудотворец. Тој засветли на македонското небо, а ја осветли македонската земја пред единаесет века. Но, свети Климент не само што засветли пред толку векови, туку тој постојано свети и нѐ осветлува и ни го покажува патот во сите овие изминати единаесет столетија. Свети Климент и денеска нѐ поучува и ни го покажува патот кој е спасоносен и угоден на Бога, а му е мил и на свети Климент.
Бог го прославил свети Климент во редот на неговите угодници поради неговиот свет, испоснички, исправен христијански живот, исполнет со добродетели уште додека бил во овој свет и век помеѓу својата паства. Но, тој е уште поприсутен по неговото преселување во вечноста со неговата помош на секоја христијанска душа која со вера, набожност и страв Божји се обраќа и бара поткрепа, заштита и помош од Господа Бога, а преку молитвите и содејствието на свети Климент, Охридскиот чудотворец.
Уште во стариот завет псалмопејачот Давид вели: „Дивен Бог во свјатих своих" (Пс. 67, 35). Сите луѓе се повикани од нашиот Создател и Промислител Господ Бог, да бидат совршени и свети. (1 Петр. 1, 16). Сите сме повикани кон светоста на Господа Исуса Христа. Светоста не е ексклузивно наменета само за мал број луѓе, туку напротив. Кон неа се повикани сите христијани. Но, за жал, поради нашите слабости, престапи, гревови многумина не се удостојуваме да ја постигнеме таа цел. Со нашите отстапки од законот и прописот Божји се оддалечуваме од Бога и се она што нè води и издигнува кон светоста и кон Бога.
Во буквална смисла на зборот, свет е единствено Господ. Но, од Неговата светост и поради Неговото човекољубие, Бог допушта одредени праведници и свети луѓе да постигнат светост, и преку тоа да го прославуваат Создателот Господа Бога. Затоа и се вели во псалмот: „Дивен Бог во свјатих своих". Бог ја покажува својата светост и своето човекољубие токму преку неговите свети угодници, односно ја излева Неговата Божествена благодат на човечкиот род преку Неговите светии. А тие, пак, на нас, коишто живееме во оваа долина на плачот, ни го покажуваат патот, ни го осветлуваат и нѐ поткрепуваат да можеме да го одиме патот тесен и трнлив, но единствен којшто води кон небото, кон возвишеното, кон светото, односно води во прегратките Божји.
Ние се декларираме како христијани, како православни верници. Одиме во црква, постиме, се причестуваме, примаме свештеник во нашиот дом, понекогаш се исповедаме. За жал најголемиот дел од нас мисли дека со тоа ги исполнил сите побарувања на нашата света Црква и на Господа. Сите овие спомнати дејства неспорно се потребни, бидејќи тие се основа за секој верник кој се декларира дека припаѓа на светата православна Црква и вера. И без нив не може ни да се нарече дека е вистински верник. Но, ако сакаме посериозно да се загледаме во себеси, во нашето срце, во нашиот ум и душа, ќе видиме големи празнини во нашиот живот, односно во нашите постапки – каков живот ние објективно и вистински живееме. Ќе приметиме дека сме исполнети со јарост, со гнев, со завист, со лукавство, дури и со омраза кон нашите блиски, познати и соседи, а да не зборуваме и за поголеми престапи и гревови. Ако се погрижиме да ги отстраниме овие слабости и престапи од нашиот живот и го насочиме нашето живеење онака како што бара од нас Господ Исус Христос, односно нашата света православна вера и Црква, тогаш нема да живееме формално христијански живот, туку ќе живееме живот којшто Му е угоден на Бога и Божјата благодат ќе биде излеана врз нас. Тогаш ќе ја постигнеме реалната цел, а тоа е Светиот Дух да биде со нас. Тогаш и нашиот живот ќе биде не само формално христијански, туку вистински благодатен и ќе можеме да се надеваме на спасение на нашата душа.
Од светоотечката литература имаме еден пример кој многу нè поучува каде се наоѓа Божјата благодат кај оние луѓе што живеат живот спред волјата Божја. Се вели дека неколку монаси се качиле на бротче и така движејќи се по морето наишле на еден остров на кој живееле неколкумина обични монаси. Од љубопитност застанале да видат кои се тие и каков живот живеат. Од разговорот заклучиле дека овие монаси не ги знаеле основните молитви кои се неопходни во монашкотот правило и живеење. Затоа ги подучиле на некои основни молитви, а потоа со бродот се упатиле назад кон својот манастир. Но, овие монаси преиспитувајќи се, заклучиле дека заборавиле една од молитвите, па тргнале по водата за да ги стасаат оние кои заминале со бродот, како би ја дознале молитвата која ја заборавиле. Кога монасите ги виделе како одат по вода како по суво им довикнале: Молете се и живејте како и до сега. Со други зборови, кај овие прости монаси била излеана благодатта Божја во толкава обилност што можеле да одат по вода како по суво, бидејќи живееле свет испоснички и благодатен живот.
Да се обратиме и ние кон свети Климент, Охридскиот чудотворец. Да се застапи пред Севишниот, да ни ја зацврсти верата и умножи благодатта. Па и ние да поживееме Богоугоден живот. Така со Божјите угодници и заедно со свети Климент да можеме да го прославуваме Триединиот Бог, сега и во сета вечност. Амин.
Митрополит Тимотеј
Извор: Дебарско-кичевска епархија