Излезе од печат ново издание на православното списание „Премин“ (28.08.2016 17:21)
На празникот Успение на Пресвета Богородица излезе од печат најновиот број на списанието „Премин“, посветен на свети Јован Шангајски и Сан-франциски.
„Со својата смрт, Христос ја разори вратата на смртта и ги отвори гробовите на сите умрени. Ако нема воскресение, целото христијанско учење е лажно. Ете затоа непријателите на христијанството толку многу се борат против верата во воскресението. Честопати високо се креваат брановите на неверувањето, но се одбиваат пред новото сознание, кое ја објавува вистината за воскресението, Божјо оживотворување на оние што се прогласени за мртви.
„Бидете бодри, стојте во верата, бидете мажествени, бидете крепки“ (1. Кор. 16, 13). Таков важен совет им дава апостолот на христијаните за да им го сврти вниманието од опасноста на овој свет и да ги опомене на редовно испитување на своето срце, бидејќи без тоа многу лесно би можеле да ги изгубат чистотата и топлината на својата вера, и незабележливо да поминат на страната на злото и неверието.
Затоа, внимателно проценувајте ги вашите внатрешни побуди, дали се од Бог или од лажливиот дух. Чувајте се од искушенијата на овој свет или од световните луѓе и од различни случувања во животот! Чувајте се од најскриените внатрешни искушенија: од духовната безгрижност и невниманието во молитвата, од гасење на христијанската љубов.
Секогаш бидете внимателни. Чувајте ја својата душа! Одвраќајте ги своите мисли од она што е минливо и насочувајте ги кон она што е вечно, и во тоа ќе ја најдете радоста што ја бара вашата душа, кон која толку силно тежнее вашето срце“
Свети Јован Шангајски и Сан-франциски