Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Од промоцијата на монографијата „Македонски манастири” на д-р Димитар Ќорнаков (19.02.2005)

Во четвртокот, на 17 февруари, во соборниот храм  на Свети Климент Охридски во Скопје, со почеток во 13 часот и со учество на многубројни заинтересирани гости, се одржа промоција на монографијата Македонски манастири” од д-р Димитар Ќорнаков.

Свеченоста започна со настап на машкиот црковен хор на Богословијата (средното богословско училиште), кој исполни неколку химни според мелосот на старото македонско црковно пеење.

Потоа следеше промотивното слово на Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во кое говореше за местото на монаштвото во животот на Православната Црква, со посебен осврт на улогата на манастирите и монасите во развојот на културата на македонскиот народ. Во словото, тој, меѓу другото, рече:

 

            Македонија е земја на цркви и манастири, земја на олтари, таква ја виделе и забележале и посетителите, и патеписците и хроничарите. Нејзините сакрални градби ги евидентирале и освојувачите и случајните поминувачи.

И под ропствата и под туѓите владеења, во времиња на големи немаштии и со постојани зулуми, нашиов народ градел за Бога. Нему можеле сѐ да му земат, но не и духовните богатства и дарби и, секако, подготвеноста за подвиг и жртва.

Нашиве манастири, заради различните прилики, освен за основните духовни цели и потреби на монасите и на побожниот народ, служеле и како училишта и како лечилишта, за здравеење на духовните и лекување на телесните потреби. Нашиот писан збор, нашата книжевност, нашата култура и просвета, нашето градителство и архитектура, нашето сликарство и уметност - најпрво се родиле и се создавале во нашите манастири. Во нив, луѓето низ вековите, се учеле и се воспитувале, се описменувале и се просветувале. Многу наши личности, духовници и просветители меѓу сите генерации, благодарение токму на традицијата воспоставена во многу наши манастири - духовно прогледале и проодиле и се оспособиле тоа да им го прават на другите.

Македонија, и за нас кои живееме во неа, како и за сите што ја виделе, е земја со природни богатства и убавини. Бог изобилно ја дарувал! Но, и со она што на оваа земја го создал нашиов народ, особено духовните вредности - можеме и треба да бидеме горди, со една порака да го чуваме и надградуваме нашето најголемо богатство!

Книгава што е пред нас е уште еден сведок за дел од нашите манастири, за дел од големото наше духовно наследство. Преку дадениот историјат за времето и местото, за градителите и возобновителите, за стиловите и формите, за црквите и конаците, за фреските и иконите, со оваа монографија добиваме богат извор за секој што сака да знае или да се информира за детални карактеристики за светилиштата поместени во ова издание. Оваа книга е упатена покана од името на манастирите и од сите коишто живееле или живеат во нив - да ги посетуваме и одблизу да ја почувствуваме сета нивна убавина.

Преку овој труд на почитуваниот автор како, и преку потврдените квалитети во издаваштвото на Матица Македонска, ја имаме и можноста 37 манастири постојано да бидат покрај нас, да ни бидат дома, и како прекрасно четиво и како извор за нашите манастирски убавини и вредности.

 

По ова следеше обраќањето на вториот промотор, академикот Гане Тодоровски.