Недела на сите македонски Светии – одбележување на 1100 години од упокојувањето на свети Климент Охридски (02.10.2016 09:51)
Горен од љубовта кон Христа и хранет со млекото на добродетелите, светиот Климент, Охридскиот Чудотворец, стана извор на милост и скоро застапништво на сите кои го повикуваат во молитвите. Најверниот ученик на словенските браќа, светите Кирил и Методиј, неуморно го продолжи нивното дело, проповедајќи го Словото Божјо меѓу македонскиот народ. Со своето севкупно дело: поучувањето, проповедањето, ширењето на христијанството на нашите простори, помагањето на сиромашните, сета просветителска, црковна, пастирска и книжевна дејност, светиот Климент се издигна во вистински корифеј на верата меѓу сите словенски народи, а особено во нашата света црква, чиј застапник и покровител е токму светиот Климент.
Затоа и ова 2016-то лето Господов, кога се навршуваат 1100 години од блаженото упокојување на свети Климент Охридски, беше година посветена на нашиот апостол. И кога е најдобро да се прослави овој голем Јубилеј, ако не на денешниот ден, во Неделата на сите македонски светии. По овој повод, и Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, организираше повеќе торжества, свечено и достојно прославувајќи го покрстителот и учителот на македонскиот народ.
Празнувањето на споменот на големиот светија, се одржа во древниот Охрид, каде што и самиот свети Климент подигна манастир и каде што и бил погребан. Торжествата започнаа на 01.10.2016 година, со свечена Вечерна богослужба, во Светиклиментовиот манастир на Плаошник, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Епископот Хераклејски г. Климент, архимандритот Нектариј, протоереите Јован Кумевски и Сашо Николовски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконите Антонио Дујовски и Саше Ристов. На Вечерната присуствуваа и Митрополитите Тимотеј, Агатангел и Иларион. По завршувањето на Вечерната богослужба, се одржа и свечена Академија, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид. Академијата ја отворија прекрасните гласови на хорот при соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а свечено слово одржа Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. На свечената Академија, беа доделени и два Ордени Св. Климент Охридски од I ред, и тоа на протоерејот-ставрофор проф. д-р Јован Таковски и на протоерејот-ставрофор проф. Петар Јорданов.
Прославата продолжи утредента, со света Архиерејска Литургија, во храмот „Св. Софија“, на која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј, Петар, Наум, Агатангел, Пимен, Иларион, Јосиф, Јосиф, Епископот Климент, архимандритите Нектариј и Партениј, протоереј-ставрофорите Јован Таковски, Ацо Гиревски, Блажо Кожарски, Никола Грамбозов и Сашо Богданоски, игумените Агатон и Григориј, протоереите Љупчо Вељаноски, Јован Кумевски, Сашо Николовски и Никола Христоски, свештеникот Димче Азески, протоѓаконите Ратомир Грозданоски, Антoнио Дујовски, Горан Кутлешоски, Саше Ристов и Влатко Стојменов и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Петар се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа. Потоа се одржа и промоција на делото „Св. Климент Охридски - хагиографија и химнографија“, труд на протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Виктор Недески и Александар Димоски. Промотивното слово беше на Архиепископот г.г. Стефан.