Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Промоција на книгата „Свештеници маченици“ од м-р Билјана Петковска (16.10.2016 09:36)

 

На 13 октомври 2016 година, во храмот Рождество на Пресвета Богородица во Скопје, се одржа промоција на книгата „СВЕШТЕНИЦИ МАЧЕНИЦИ“ од м-р Билјана Петковска, секретар на Православниот богословски факултет во Скопје. Промотори на книгата беа Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар и проф. д-р Александар Трајановски. На промоцијата, исто така присуствуваа Нивните Високипреосвештенства, Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Епископот Хераклејски г. Климент, претседателката на Комисијата за односи со верските заедници, г-ѓа Валентина Божиновска, Неговата Екселенција, министерот-советник на Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, г. Константин Берсенев, деканот на Богословскиот факултет проф. д-р Ѓоко Ѓорѓески, протоереј-ставрофор д-р Ацо Гиревски, како и многу други свештеници, монаси, академици, професори, студенти, ученици, верници, роднини и духовни чеда на свештениците споменати во книгата.

„Големите дела не ги создаваат големите народи, туку народи што имаат голем дух, народи што се способни да дадат големи жртви за својата слобода, народи што не сакаат да бидат робови на туѓинецот“ – Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Доситеј.

  

ПРЕДГОВОР

 

Историскиот период кој го обработува трудот „Свештеници маченици“, Репресијата над Македонското домородно свештенство по Втората светска војна е неизбришлив дел од поновата историја на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Во интерес на јубилејот 50 години од возобновувањето на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, ќе се потрудиме да презентираме извесни состојби, со надеж дека македонската историографија ќе се здобие до поголеми сознанија за плимата и осеката на еден временски период.

Целта на трудов е да се обработи проблематиката на репресираното македонско домородно свештенство во периодот на комунистичкиот режим.

Направен е обид на едно место да се извадат од анонимност и да се оттргнат од заборав повеќе ликови на домородни клирици, докажани автокефалисти, кои во периодот на монолитниот антицрковен режим поминале трауми и голгота низ тогашните логори и затвори на Федеративна Народна Република Југославија.

Многумина од нив излегле со трајно нарушено психофизичко здравје и до крајот на својот живот не сакале да ги споделуваат преживеаните маки ниту со нивните најблиски, трудејќи се да ги сочуваат своите семејства од траумите што тие ги преживеале.

Но, некои од нив маченички го положиле и својот живот пред олтарот на својата Црква, пред нејзината возобновена автокефалност и пред својата татковина. Тие биле крвнички егзекутирани, без тронка милост, без воопшто за нив да се формира судско досие, без судски пресуди или да им се даде можност да се одбранат.

За да ја дознаеме вистината за едно општество, треба да ги прибериме оние податоци што неговата историографија не ги напишала и не ги објавила.

Во трудот ќе бидат презентирани ликови на многумина помалку познати македонски клирици, кои се бореле за својата Мајка Црква и за својата татковина, но сè до денешен ден останале непознати за пошироката македонска научна јавност.

За изворно прикажување на животниот пат на македонските домородни свештеници и за добивање на  една реална слика за репресијата над нив и над сите нивни семејства, ги вклучивме и сеќавањата на нивните рожби и на нивните поблиски семејства. Поминавме стотици километри пат низ градовите и низ селата во Република Македонија, за да се сретнеме со потомците на репресираните свештеници. Со некои од нив, бидејќи имаше потреба, се сретнавме на неколкупати за да ги споделиме сеќавањата и податоците за репресијата и траумите на нивните најблиски. Во интерес на прибирање на подетални информации и добивање на поквалитетни фотографии на обработените ликови, го посетивме селото Босилево, Струмичко, градовите Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Радовиш, Свети Николе, Кочани, Виница, Кратово, Гевгелија…, и повторно во Скопје. Сите обработени ликови на репресирани свештеници ни беа неописливо скапоцени за да ги истражиме целосно и да ги прибериме сите расположливи податоци и факти за нив.

Длабоката тага и болка ја чувствувавме во разговорите со секој член од репресираните свештенички семејства, поединечно. Нивните солзи говореа, за нивните поминати страдања, многу повеќе од кој било испишан збор. Сочувствуваме за нивните одземени детства, сочувствуваме за нивната душевна болка, нивната презреност од општеството и нивното осудување без суд.

За изработка на трудот беа извршени научни истражувања на постоечката архивска документација во: Државниот архив на Република Македонија, Архивата на Преспанско-пелагониската епархија и Архивата на Брегалничката епархија.

Голема благодарност изразуваме до Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, за поддршката, податоците, помошта при изнаоѓањето на соговорниците и корисните сугестии што нè пратеа и бодреа цело време додека се работеше овој проект.

                                                                                      

 Авторот

Извор: Преспанско-пелагониска епархија