Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Слово на Свечената академија по повод црковно-државниот празник „Свети Климент Охридски“ (12.12.2016 00:16)

Во еден агиографски текст се вели дека на секој народ, во определено време, Сељубивиот Господ му испраќа личности кои ќе го просветуваат и осветуваат, кои ќе го раководат и подготвуваат на патот кон Царството Небесно.[2] Така, Израилскиот богоизбран народ го имаше Мојсеја, кој го водеше и го изведе од Египетското ропство и го доведе до Ветената земја. Нам, пак, како народ, Бог ни го испрати апостолот Павле, преку повикот на Македонецот – да дојде во Македонија и да ни помогне.[3] Како што Исус Навин го презеде водството на Израилот од Мојсеја, така и нашиот свети Климент го продолжи делото на Светите браќа, кое израсна врз евангелското семе што во Македонија го посеа апостолот Павле. А мудриот Климент, тој најучен човек и втор Павле, како што со забележителна почит и одбрани зборови го нарекува блажениот Теофилакт, ни го остави своето дело на сите, а најмногу нам како народ.

Досега многу се зборувало и се пишувало за делото на бројни славни личности, кои имаат немерливи заслуги не само за нас, туку и за човештвото и за цивилизацијата и кои заслужуваат да бидат тема за постојано размислување и потсетување. Меѓу сите нив, особено место и признание заслужуваат свети Климент, од чие блажено упокојување одбележуваме 1100 години, и неговите учители – светите Кирил и Методиј. Повеќе од илјада години се слави споменот на овие наши духовни великани, заедно со останатите од групата на Седмочислениците, и нивните сотрудници коишто историјата не ги запаметила, но во вечноста блескаат благодарение на нивното благородно и богоугодно епохално дело.

Молејќи се и беседејќи само со книгите, тие придаваа труд врз труд, подготвувајќи се да го остварат историскиот повик и подвиг. И според проучувачите на нивните личности и дела, заслугата на овие просветители, колку што е религиозна, толку е и културна. Во религиозна смисла затоа што ги пренесоа и ги утврдија словенските народи од мракословие кон светлина, од незнабоштво во христијанство, од празноверие и суеверие во духовно исповедање на верата во Триединиот Бог. Во културна смисла, пак, затоа што со новото писмо ги положија темелите на словенската култура, станаа аголен камен на народната книжевност, создавајќи цврста основа за идниот духовен и културен развој на Словените.

Она што тие имаа да им го кажат на тогашните и на следните генерации е содржано во нивните дела. - Зборот беше, всушност, нивното дело! И не случајно првите преведени зборови им беа оние од Евангелието според свети Јован Богослов: Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Бог беше Словото.[4] Тоа беше Слово по кое Словените жеднееја, лутајќи по писмата и верувањата на другите народи, Слово што стана нивна судбина, и кое дури се вметна и во нивното име. Тие евангелски зборови тогаш прозвучија пророчки, а денес ние сме сведоци дека се исполнија и дека навистина – би Слово.

За богат може да се смета само оној народ, од кој израснале личности кои со својот живот и дело се жртвувале за тоа во што верувале, а за доброто на сите. Таквите личности станале забележани не само во историјата, туку се запишани и во вечноста. Секој народ кој е благоверен и благороден, треба постојано да ги слави и да ги следи таквите личности. А светителите, со својот пример постојано влијаат врз моралното и духовното преобразување кај сите народи и во сите времиња. Удостојувајќи се да бидат учесници во Божјата природа, оддалечувајќи се од похотите на овој свет,[5] со своето богољубиво и човекољубиво дело станувале признати и од Бога и од луѓето.

Во вечерашниов славеник – свети Климент, ние го имаме најдобриот од најдобрите, нашиот духовен отец и постојан молитвеник пред Божјиот престол. Таква личност – ни пред него ни по него не сме имале во нашиот род. Свети Климент потврдил дека само човек кој во себе носи светост - само тој може да просветува! И таквиот човек останува во сеќавањето на народот како оној кој вистински се грижи за спасоносното дело. Личностите како него, не само што себеси се хранеле со вистинската духовна храна и питие, туку тоа неуморно го давале и на доверениот народ. Големината на светиклиментовата личност се огледа и во тоа што тој и највозивишените и најсуптилните богооткриени тајни на верата ги предавал на јазик и стил сообразен со нивото на оние на коишто тие им биле наменети.[6] Свети Климент со своето дело е сведок дека посеаното Слово Божјо во душата на еден народ е неуништливо и вечно. Знаел тој наш голем просветител, како што во свое време запишал и големиот Достоевски, дека човек или народ без Живиот и Вистински Бог е оштетен и понижен.

А што е личност според христијанското сфаќање? Тоа е човек што пораснал до мерата на Прволикот, по мерата на Оној по Чиј лик сме создадени. Значи личност е оној човек кој првобитниот лик на себе го носи неизвалкан од страста и гревот. Тој, бдеејќи над себе, го чува својот лик светол, па така им свети и на другите; тој е способен да раководи и води, да образува и просветува. Таквиот човек е расудлив и разумен, способен да сведочи за вистинските вредности - затоа што и ги живее истите, одбегнувајќи ги лажните и минливите. А денес, ние, повеќе од кога и да е, сме соочени со лоши дела, со погрешни постапки, со нељубов, која и ја чувствуваме, но за жал и така се однесуваме. Таквата состојба - во која е прекината врската со Бога, е состојба на отуѓеност, состојба во која се наоѓаше и  непослушниот син од Евангелието.[7] И што може да помогне? – Покајанието! Токму покајанието, токму признавањето на својата грешност води кон поправање. Искреното покајание го мотивира проштевањето, зашто ако Бог ни проштева кога искрено се каеме и се трудиме да ги поправиме грешките, тогаш колку ние треба да проштеваме?!

Исто така, живееме во време кога работите и се одвиваат, и се случуваат и се појавуваат многу брзо. А тоа значи и поголеми предизвици и многу искушенија. Од друга страна, ова е и време на дезориентација на човекот, односно време на губење и менување на основните и природните начела на постоењето. Се појавуваат ставови, се носат правила и закони спротивни на човечкото достоинство; страста и личното расположение и потреба стануваат обврска, дури и причина за преземање мерки против оние коишто мислат поинаку.

Покрај моралната ерозија, на светско ниво сме соочени и со многу војни, прогони, страдање... Кај нас, пак, никако да престанеме со меѓусебни расправии и несогласувања... Нема народ или семејство, нема институција или општество, па дури ни Црква, кои опстоиле и напредувале, а биле во меѓусебна кавга и непријателство?! Нам денес, повеќе од кога и да е ни требаат луѓе како свети Климент, луѓе со неговите квалитети и способности – со вистинска и искрена вера во Бога, со љубов кон сите, со добродетелност и мудрост, со смирение и трпение, ни требаат личности без лицемерие и надменост, без злоба и похотливост. Кои ќе умеат да ги препознаваат знаците на времето, и ќе се грижат за духовните и националните вредности, ќе бидат секогаш и насекаде со својот народ, со Црквата и со Татковината. Впрочем – такви кои ќе го чуваат минатото, ќе мислат на сегашноста, за да имаме и иднина!

Нека ни е честит и вековит овој национален и црковен празник. По молитвите на славеникот – свети Климент, Охридскиот Чудотворец, Господ нека ги чува народот наш, Татковината наша, Црквата наша и сите луѓе и народи со добра волја! Амин! За многу години!

 

 

 




[2] сп. Архимандрит д-р Јустин Поповић, Житија светих за април, Београд 1973, стр. 445;

[3] Дела 16, 9;

[4] Јн. 1, 1

[5] сп. 2. Петр. 1, 4;

[6] Протопрезвитер Јован Таковски, Просвештението во теологијата на свети Климент, Скопје 2009, стр. 238;

[7] Лк. 15, 11-32.

 

 

Извор: Скопска епархија