Соопштение (23.02.2017 15:55)
Светиот архиерејски Синод на Македонската православна црква на својата редовна седница, одржана на 23.02.2017 г., искажа голема загриженост за актуелната ситуација во која се наоѓа македонското општество. САС на МПЦ со татковска љубов повикува на меѓусебно почитување, проштевање, помирување и одговорност.
Македонските национални државни и стратешки интереси можат да се сочуваат само преку личната одговорност на секого од нас. Тоа подразбира живеење по Божјите заповеди, запазување на државните институции и националните права загарантирани со Уставот на РМ.
МПЦ е духовна мајка на сите православни верници и на сите други независно од нивната национална и етничка припадност и таа родителски се застапува да не биде повредено ничие национално, етничко и верско достоинство.
САС на МПЦ апелира до политичките лидери да ја зачуваат уставната позиција на македонскиот јазик на територијата на РМ согласно со Уставот на РМ. Сегашноста и иднината на Македонија ја гледаме преку сочувувањето на унитарниот карактер на РМ, а за сето ова ни е потребно меѓусебно помирување и национално единство. Стремејќи се кон тоа, нашиот верен народ треба да се раководи и од Евангелските христијански вредности.
МПЦ цени дека на РМ ѝ е потребен попис на населението кој треба да биде изготвен не заради одземање на нечии права, туку за остварување на придобивките на сите граѓани што живеат во Република Македонија.
САС на МПЦ, исто така, разгледа повеќе актуелни прашања од црковниот живот во епархиите, воспитно-образовните институции и ја утврди програмата за одбележување на 50-годишниот јубилеј од обновувањето на автокефалноста на МПЦ.
Од Канцеларијата на САС на МПЦ