Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Свештеномаченикот Кипријан Слепченски вброен во списокот на Светите (30.04.2017 10:46)

На 30.04.2017 г., во Неделата посветена на Жените Мироносици, во манастирот посветен на Светиот Јован Претеча во Слепче, се отслужи Архиерејска Божествена Литургија, на која постраданиот свештеномаченик Кипријан беше вброен во диптохот на Светите.

На Божествената Литургија  чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со Архиереите, Петар, Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски, Тимотеј, Митрополит Дебарско-кически и администратор Австралиско-сиднејски, Агатангел, Митрополит Повардарски, Пимен, Митрополит Европски, Иларион, Митрополит Брегалнички, Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски, и Климент, Епископ Хераклејски.

Сослужуваа свештенослужителите: Архимандрит Нектариј, Архимандрит Партениј, Архимандрит Никола, Протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, Протоереј-ставрофор Благоја Станкоски, Протоереј-ставрофор Трајче Петковски, Игумен Серафим, Игумен Агатон, Игумен Григориј, Протоереј Димитар Михајловски, Протоереј Кирил Трајковски, Протоереј Златко Ангелески, Ереј Тони Смутковски, протоѓаконите Александар Димитријов, Сашо Ристов, Влатко Стојменов, Николче Ѓурчиновски, Драган Ѓорѓиовски и ѓаконите Ѓорѓи Делев и Јове Тренчевски.

После Божествената Литургија, во дворот на манастирот беше осветен Камен-темелникот на новите манастирски конаци, кои ќе сведочат за возродувањето и духовниот развој на монашкиот живот во манастирот и продолжување на сведоштвото на преподобниот.

Голема заслуга за организацијата и достојното чевствување на овој празник имаше и Општина Демир Хисар, на чело со градоначалникот Љупчо Блажевски, кои сесрдно ги помагаа подготовките за овој празник. На празнувањето присуствуваа и луѓето, кои вложија значаен труд во расветлувањето на споменот на овој светител,  проф. д-р Сашо Цветковски, авторот на житието и службата на Светиот Кипријан, асс. м-р Виктор Недески, и авторот на Акатистот на свештеномаченикот, професорот во Средното богословско училиште, Александар Димовски.

Многуценети гости, претставници од локалните власти, многупочитуваниот советник-министер на Руската-Амбасада во Македонија, г-динот Константин Берсенев, Деканот на Православниот Богословски Факултет, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, проф. д-р Дејан  Борисов, проф. м-р Борче Грамбозов, голем број на добротвори и благодетели на манастирот дојдоа да му оддадат почит на новопрославениот светител.

Високопреподобни отци и браќа, монаси и монахињи од повеќе манастири, верни духовни чеда и верен народ од целата татковина, дојдоа во манастирот да ги испросат молитвите и застапништвото на свети Кипријан, кој и досега тајно претстојуваше пред престолот на Севишниот.

Големо е богатството на православните христијани, што имаат такви небесни покровители, застапници и претстојатели пред Бога од својот род, зашто заедничарејќи во молитвите и нивниот свет живот, не издигнуваат да станеме припадници на Божјиот род.

Да Му благодариме на Бога, за безбројните дарови кои ги излева преко Неговите избраници, а кон светиот Свештеномаченик Кипријан да повикаме:

Тропар, глас 3ти:Подобен:

На божествената вера… Велик ревнител за православието, и нов маченик на Христа Бога, се покажа мудар Кипријане, заблудата агарина презирајќи ја, и сите страдања машки ги претрпе. Оче преподобен Христа Бога моли Го, да ни дарува милост голема.

 

Извор: Преспанско-пелагониска епархија