Свечена литија (еордија) во Струга (08.05.2017 11:18)
„Ете, пролетта на благодатта болсна, Христовото воскресение им засветли на сите, а со него сега свети и сепразничниот и светлоносен ден на маченикот Георгија. Дојдете сите, носејќи свеќи, божествено и светло да празнуваме“ (седален на Утрена на св. вмч. Георгиј).
На 07.05.2017 година, ден по празникот на светиот вмч. Георгиј, во Неделата на раслабениот, според вековната традиција во Струга, верниот народ уште еднаш се собра да го прослави великиот маченик, кој со својата славна смрт се вброи во диптихот на свидетелите на Христовото Воскресение. Прославата започна утрото, кога во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Струга беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоереите Никола Христоски и Темелко Донески, свештениците Васко Голабоски и Петре Бојчиноски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодно слово, во кое се задржа на евангелскиот настан за чудото со раслабениот, а посочувајќи го гревот како причина за сите наши духовни и телесни болести. Оваа Литургија, како и секоја друга, беше значајна за сите нас, но ќе остане особено запаметена за свештеникот Васко Голабоски, старешина на храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Струга, кој од раката на нашиот Митрополит Тимотеј, беше одликуван во протоерејски чин, поради неговите несебични залагања во враќањето на имотот на МПЦ-ОА во Струга, долгогодишната успешна организација на Еордијата во Струга, како и поради неговиот успех на сите полиња како парохиски свештеник и старешина на струшкиот храм. Од името на Митрополитот, свештенството и монаштвото од нашата епархија, како и од сиот верен народ, му го честитаме протоерејскиот чин на отец Васко, со молитви уште долги години верно да Му служи на Бога и на светата Македонска православна црква.
Во вечерните часови, повторно се собра неизброен верен народ, кој од сите страни на нашата држава, дојде да се поклони на моштите на маченикот Георгија. Најпрво беше отслужена свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Пимен, архимандритите Нектариј и Партениј, протоереите Никола Христоски и Васко Голабоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски. По завршувањето на Вечерната, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која подолу ви ја пренесуваме во целост. Потоа беше отслужен и Парастос за сите порано упокоени ктитори, служители и свештенослужители во овој свет храм и во градот Струга, на кој, покрај горе споменатите, сослужуваа и свештениците Зоран Попоски и Ѓорѓи Блажевски. Откако заврши Парастасот, сиот верен народ, предводен од Митрополитите, свештенството и монаштвото, тргна со свечена литија низ Струга, прославувајќи Го Воскреснатиот Христос и Неговиот маченик Георгиј. Литијата ја збогатуваа прекрасните звуци на Градскиот оркестар на град Скопје, а особена радост беа многубројните дечиња, кои, облечени во традиционални носии, сведочеа за Воскреснатиот Спасител. На Литијата беа носени чудотворната икона на Великомаченикот и неговите свети мошти, кои оваа година ги носеа: Климе Попоски, Стефан Кочоски, Никола Несторов и Ѓорѓи Митаноски.
Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.
Христос воскресе!
Драги браќа и сестри,
Ние, како луѓе, во моментите кога нè снаоѓаат разни искушенија, маки и болести, имаме потреба да се обраќаме кон Бога и да бараме помош. Најдобро средство, коешто ни помага да можеме да бараме помош од Бога, е молитвата. Молитвата, всушност, е наш разговор со Бога. Разговор, во кој, ние, од Бога бараме поткрепа, помош и избавување од сите непријатности кои нè снаоѓаат во нашиот житејски пат.
За да биде услишана нашата молитва од Семилостивиот Господ Бог, треба да знаеме одредени предуслови. Можеби не мора да ги знаеме сите црковни поредоци на богослужбениот круг, или, пак, да ги знаеме сите молитви и правила, но, треба да знаеме една вистина, односно да ја знаеме суштината на молитвата и истата да ја ползуваме. Само така, знаејќи ја суштината на молитвата и истата ползувајќи ја, можеме да добиеме одговор на нашите прозби и на нашите барања од нашиот Спасител.
Првиот и најнеопходниот услов е да веруваме дека Господ Бог постои. Но, не само дека постои, туку, и дека е подготвен да ни одговори на секое наше обраќање. Бог ќе ги услиши нашите молитви, само ако немаме никаков сомнеж дека Он е нашиот Небесен Родител и нè сака како Негови возљубени чеда. Доколку, пак, имаме било какво сомневање околу Неговото постоење и Неговата подготвеност да биде наш помагач, тогаш, нашите молитви и нашите прозби ќе бидат залудни.
Молитвата и верата се неразделни компоненти за секој христијанин. Без нив не може да се обраќаме кон Бога и да очекуваме Негова помош. Молитвите можат да бидат од најразлични видови. Може да се молиме во црква, со слушање и пеење на црковните песнопенија, но, може да се молиме и поединечно, со домашно правило, кога работиме, кога патуваме и слично. Но, и тука постои една законитост, којашто најдобро е опишана од светите отци. За тоа, пак, особено ни зборува еден Светогорски подвижник, светиот Никодим Светогорец. Овој свет отец не живеел многу одамна, односно, живеел на крајот на XVIII и во првата половина на XIX век. Меѓу неговите дела, по својата душеполезност, се издвојува една книга. Таа книга е „Невидлива борба". Во оваа книга, тој, за молитвата вели: „Твојата вера е еден значаен сосуд. Сосуд во кој, како во сокровиште, се собира Божјата благодат. Тој сосуд е вистинска делотворна вера, во кој ние примаме Божествен одговор на нашата молитва. Ако го немаме тој сосуд, не можеме да добиеме Божествен одговор. Постои строга закономерност помеѓу верата и силата на молитвата".
За да биде нашата молитва угодна на Бога и да го слушнеме Божјиот одговор, не треба да заборавиме дека има уште еден услов кој е многу важен за нас. Во нашите прозби и молби, никогаш да не ја исклучуваме волјата Божја. Секогаш кога ги упатуваме нашите молби и прозби на Бога, пред сè, треба да ја бараме волјата Божја. Честопати, ние, во нашите обраќања кон Бога, бараме работи кои нам ни изгледаат неопходни и потребни. Но, Бог има поинакво гледиште за тоа, бидејќи бараме нешто што е штетно и погубно за нас. Тоа може да го споредиме и од обичниот живот, со едно малечко дете, кое нема доволно развиена сознателност и бара со свои рачиња да фати жар или да чепка во струја. Совесните родители тоа го спречуваат, бидејќи знаат дека тоа ќе му нанесе штета и опасност. Така постапува кон нас и нашиот Небесен Отец, нашите неразборити барања, не ги исполнува.
Денеска сме собрани во овој свет храм да отслужиме парастос за сите ктитори, настојатели, свештенослужители, пејачи и добротвори, всушност, за целокупната небесна струшка црква. Ние, еден дел познати за нас, ги спомнавме во диптихот што го читавме. Но, во небесната црква се наоѓаат безброј души, коишто се молеле во овој свет храм и се преселиле во вечноста. Само Единиот Бог знае колку од нив се наоѓаат со праведните, а кои, провидението Божјо не ги има пројавено и прославено.
И ние денеска, се молиме на Триединиот Бог за простување на гревовите на споменатите луѓе, а во исто време, пак, ги молиме праведните души, и тие да се молат за земната црква. Испросувајќи ги нивните молитви и нивното застапништво, да постанеме сосуд на благодатта Божја, и да можеме достоинствено да го одиме нашиот пат кон царството небесно.
Се молиме св. Георгиј да биде наш застапник и молитвеник за спас на нашите души. Амин!
Христос воскресе!
Недела на раслабениот – вечерта (Литија)
07.05.2016
Храм „Св. вмч. Георгиј" - Струга
Извор: Дебарско-кичевска епархија