Канонизација на Светиот Епископ Велички Гаврил Светогорец (30.05.2017 05:06)
На 28.05.2017 година, во Недела на Светите Отци од I Вселенски собор, кога се празнуваат и свети Ахил Преспански, преподобен Пахомиј Велики, во годината кога МПЦ – ОА слави 50-годишен јубилеј од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ – ОА и канонизацијата на Светиот Епископ Велички Гаврил Светогорец, во соборниот храм „Св. Николај“ во Штип, на утрената богослужба, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион и свештенослужители од МПЦ – ОА, а во присуство на многуброен народ, ги дочекаа светите моштии на Светиот Епископ Велички Гаврил Светогорец, кои достојно, по повод канонизацијата, беа донесени од Лесновкиот манастир и внесени во соборниот храм „Св. Николај“ во Штип. Во 08:45 часот, надлежниот Митрополит Брегалнички г. Иларион го дочека поглаварот на МПЦ – ОА, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и членовите на САС на МПЦ – ОА: Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Митополитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Митрополитот Струмички г. Наум, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополиот Европски г. Пимен, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф и Епископот Хераклејски г. Климен. Во 09:00 часот, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на членовите на САС на МПЦ – ОА и архимандритите Нектариј, Партениј, Дамаскин и Григориј, игумените од повеќе манастири и свештеноереи од МПЦ – ОА отслужи Света Архиерејска Литургија. На Малиот вход поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан отслужи помен на светиот Гаврил Епископ Велички Светогорец, Епископот г. Климент ја произнесе одлуката на САС на МПЦ – ОА за впишувањето на Епископот Велички Гаврил Светогорец во списокот на Светиите, надлежниот Митрополит г. Иларион го произнесе синаксарот – житието на Епископот Велички Гаврил Светогорец, по што Поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан ја освети новонацртаната икона со ликот на светиот Епископ Велички Гаврил Светогорец и со истата го благослови православниот верен народ. По ова поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан, членовите на САС на МПЦ – ОА и свештенослужителите се поклонија на светите моштии на Епископот Велички Гаврил Светогорец. На крајот од Светата Архиерејска Литургија, поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан одржа содражајна пригодна беседа за светиот живот и многубројните чуда на Епископот Велички Гаврил Светогорец. На каноназицајата, покрај многубројниот православен народ од сите краишта на татковината Македонија, но и од странство, присуствуваше и премиерот на РМ г. Емил Димитриев, Рускиот Амбасадор во РМ г. Олег Шчербак, претседателката на Верската комисија г-ѓа Валенитна Божиновска, градоначалникот на Општина Штип, прим. м-р Илчо Захарив, како и други јавни личности. Преку целиот ден верниот народ се поклонуваше на светите моштии на Епископот Велички Гаврил Светогорец. По неговите молитви, Бог и нас да нѐ помилува и спаси, како благ и човекољубив.