Свет на земјата – Светител на небото (01.06.2017 14:04)
Човекот, како Божјо создание, нема друга причина за своето постоење освен – светоста! Светоста е и целта и смислата на човековиот живот. Но светоста, не е некоја апстрактна и безлична идеја, не е некаква етичка категорија. Светоста е суштински начин на постоење, постоење во нашата природна состојба; тоа е остварување на една зададеност, која се дефинира како богоподобност. Оттаму, вечно актуелниот заклучок за човекот е дека крајната цел на неговото постоење е – да се обожи, восовршувајќи се по мерата која Самиот Спасител, Господ Исус Христос, ја поставува: Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен![1]
И не едноставно – бидете совршени, туку ни е дадена мерата на совршенството – а тоа е Создателот Господ. Па, зар тоа е можно за нас, луѓето? Секако, тоа совршенство Бог ни го даде како можност уште со нашето создавање, само требаше првиот човек да го достигне, усовршувајќи се во добродетелта на смирението и послушанието. Но, бидејќи не успеа, Бог, Кој е љубов и Кој не сака Неговото создание да пропадне, слезе меѓу нас, се понизи Себеси до нашата мера[2], за да нè доведе нас до Својата, односно ја зеде нашата природа и ја освети, покажувајќи ни дека нашето спасение е можно само преку осветувањето. Но, остварувањето на таа заповед е единствено можна само преку и само во заедницата со Оној за Кого на Литургијата пееме: Еден е свет, Еден е Господ Исус Христос, Оној Кој е единствениот извор на секое постоење. Тој е свет по природа, а христијанинот, бивајќи дел од Него како член на Неговото Тело, односно Црквата, постанува свет затоа што се соединува причестувајќи се со Него во тајната што Тој ни ја даде – светата Литургија. Токму оттука е и таа вистина дека сите христијани, кои живеат не само аскетски и добродетелно, туку и литургиски, сите тие се потенцијални светители.
Но, Црквата не ги прогласува сите за светители во времево времено и просторно. Судот за светоста и спасението на секого ќе се изврши при Последниот Христов Суд. Но тука, Црквата бивајќи просветлена од благодатта Божја, ги објавува за светители тие што во себе ги препознала како вистински Божји угодници; тие што со својот подвиг и живот учествувале во Божјата благодат; тие кои со својот богоугоден живот на земјата и со своето духовно искуство постанале пример за современиците и идните генерации; тие кои се очигледни и неоспорни сведоци за реалната исполнителност на евангелското Слово и на Божјите ветувања. Затоа и чинот за кој денес се удостоивме – канонизацијата, не значи дека ние правиме светител, туку дека истакнуваме образец, односно пример за сите нас, со што сведочиме за блискоста со Бога на овој Божји слуга, кој, живеејќи на земјата, се научи од Светиот Дух на љубовта Божја. А оној што ја има љубовта на земјата, тој со неа преминува во вечниот живот на Царството Небесно, каде што љубовта нараснува и станува совршена. И штом уште на земјата љубовта не може да го заборави ближниот, дотолку повеќе светиите не нè забораваат нас и се молат за нас.[3]
Но светоста е дар, а светителите се оние луѓе коишто стекнале обожение по благодат. Како што вели Бог: Ги љубам тие што Ме љубат и ќе ги прославам тие што Ме прославуваат.[4] Значи, светоста е дело на милоста Божја, а не само на нашиот подвиг.
Возљубени во Христа Вознесениот,
Кои се квалитетите на осветениот човек, како ја распознаваме светоста? Свет е оној човек, кој е од Бога осветен, кој е целомудрен и чист, ослободен од секој нагон и од секоја страст. Свет е оној човек којшто е пратеник на доброто, честа, вистината и правдата, којшто е љубител и верен чувар на божествениот закон, оној кој ја поистоветил својата волја со Божјата, оној којшто сака со подвиг и молитва да Му благоугоди на Бога, кој својот ближен го сака како себеси, кој се удостоил да стане пријател Божји, кој станал наследник на Царството Небесно.[5] И секој човек, што ќе се соочи со ваквите дарови на Светиот Дух што Бог ги дава во изобилие, несомнено ќе остане поразен, во побожност и страв од славата на таквата небесна пројава.
И токму затоа ние, денес, како Црква, сме собрани во овој благословен град и на овој богоугоден собор. Собрани како заедница, која е единствениот критериум за распознавање на светоста, да посведочиме – за свет, за светител, еден богоугодник од нашиот род и од нашево време. Како негов современик, а имајќи го предвид и сведоштвото на многумина коишто за време на неговиот живот, но и до ден-денес се очевидци на пројавувањето на Божјата благодат преку овој човек, можам да сведочам за светоста на Гаврил Светогорецот – Епископот Велички. Но, и колку да кажеме, сите наши зборови ќе бидат недоволни за да ја искажат неговата богоугодност. А еве како за него напишал неговиот житиеписец: Угледувајќи се на светителите Божји, се предаде на строги подвизи и со пост и бдение го умртвуваше телото свое и го потчинуваше на духот. Неговата храна се состоеше најчесто во сув леб, неретко мувлосан. До масло, јајца, млеко и сирење воопшто не се ни допираше, а само во саботите, неделите или на некој поголем црковен празник, од послушност кон заповедите на Црквата Божја и почитувајќи ги светите канони, од кандилото со прстот вкусуваше по малку масло. Во неговата ќелија немаше кревет, бидејќи преподобниот само малку одмараше, и тоа на подот од земја, а останатото време го поминуваше во борба со помислите и демоните. Затоплување во келијата, исто така, немаше, зашто тој, во својата постојана молитва, ревносно ја бараше топлината на Светиот Дух. Така, тој храбро се бореше и војуваше против желбите на своето тело и против искушенијата... Додека војуваше против лукавите демони, тој како вистински Христов војник се облекуваше во оружјето Божјо: молитвата и бдеeњето ги користеше како непобедливо оружје, а пак верата и постот како штит, со кој ги гаснеше вжештените стрели на непријателот.
Возљубени почитувачи и чеда на овој духовен великан,
Нашиот светогорски и лесновски подвижник, сѐ што имаше во својот живот: и професијата, и блиските и младоста – остави сѐ за љубовта кон монашкиот подвиг и за љубовта кон трајните Христови вредности. Живееше и се грижеше само за она што од овој свет упатува кон вечноста. Избра осаменички живот, но, преку Господа – Христа, беше постојано опкружен со народ, со луѓе кои ги бараа неговите молитвени и духовни поткрепи. Живееше исполнет со љубов кон Христа и таа љубов не ја чуваше за себе, туку им ја делеше на сите. Христос – идеалот на христијаните во сите времиња, беше и негов идеал во животот, и затоа при секоја постапка се раководеше не по својата, туку по Божјата волја. По повеќегодишниот престој на Света Гора, и неговото враќање од таму, како некогаш светите Климент и Наум, кои од Моравија и Панонија се вратија во Македонија, и тој како да имаше небесен повик да се врати и да постане возобновител на монаштвото во Македонија. Како што и би!
А, какво мислење имаа за него по неговите подвизи на Света Гора, се сеќавам и на еден настан од пред Богословскиот факултет во Белград, каде што во седумдесеттите години од минатиот век бев студент. Имено, едно утро, пред почетокот на наставата, од зградата на Академијата за применета уметност, која се наоѓаше во непосредна близина на факултетот, излезе еден скромен црноризец и се упати кон нас, кон групата студенти. Во тој миг, еден професор[6] од факултетот, исто така, монах, кој некогаш студирал во Атина и имал контакти со светогорските манастири, кога го виде монахот кој доаѓаше кон нас, пред сите присутни му направи метанија и рече: Ако во нашево време има свет човек на Света Гора – тоа е овој човек, кој, погледнете го – наликува на жива фреска. Тој човек – фреска беше нашиот свет светогорец – Гаврил.
Но не само со својот подвижнички живот тој сведочеше за својата непоколеблива вера во Христа Воскреснатиот. Бог и со други видливи знаци го воздигна и го воздигнува оној којшто целиот свој живот Го прославуваше и непрестајно Му се молеше. Него, покрај постојаната молитва и строгиот монашки подвиг, го красеа неуморната посветеност да ги поправа и упатува луѓето во доброто, имањето дарба за предвидливост, грижата за духовноста и растот на народот во верата, како и загриженоста за демографската состојба и иднината на нашиот род... За жал, неговите пророштва веќе се исполнуваат во многу области од нашево современие. И како потврда на својата љубов кон Црквата во која духовно се роди и израсна, беше неговото прифаќање на епископскиот чин. Но, не за слава, туку за да ја поткрепи вистината за нашата Македонска и Охридска Црква.
Исто така, дел од нас беа и се сведоци, а до другиот дел допираат сведоштвата за чудата со кои Бог го прослави овој Свој угодник и за време на животот, но и по упокојувањето. Како последен во таа низа на знаци што Бог ни ги допушти како на Црква за да ја препознаеме светоста на Епископот Гаврил, се и неговите нетлени и благоухани мошти, кои неодамна беа откриени во неговиот гроб. Сето тоа е уште една потврда дека човек може да биде голем научник и мислител, голем владетел и војсководец, но никој не може да биде поголем од човекот кој има голема вера, надеж и љубов.
Возљубени сограѓани, соседи и роднини,
Бидете горди и благодарни на Бога, што меѓу вас се роди и израсна ваков духовен великан – подвижник, светител и чудотворец. Во овој град, во неговата поблиска и подалечна историја, се родиле многу истакнати личности: и комити и војводи, и партизани и бранители, и државници и книжевници, и уметници и црковници и други, но никој името на Штип не го однесол ни толку далеку ни толку високо, како некогашниот Мијалче Парнаџиев, подоцнежниот монах Гаврил Светогорец, а од денес канонизираниот – свети Гаврил Епископот Велички. Во Житијата на светите во Православната Црква, како и во Книгата на богоугодниците на небото, покрај неговото име, запишани се и Штип и Света Гора, и Лесново и Македонија.
Возљубени чеда на Македонската православна црква,
Од денес, во ликот на светиот преподобен Гаврил Светогорец, Епископ Велички, како верен народ и како Црква имаме уште еден молитвеник и застапник пред Божјиот престол. Оној којшто живееше со подвигот на молитвата за сите овде на земјата, ќе биде наш горешт молитвеник и на Небесата. Од денес, како народ сме побогати за уште еден духовен великан од нашиот род, за уште еден пример на верата и образец во кротоста, за уште еден учител во воздржанието и сведок на вистината, за уште еден сад на Светиот Дух, кој за родот наш и за Татковината наша, по милоста Божја, ќе измолува изобилно исцеление и утеха.
По неговите свети молитви, Господ да нè помилува и спаси. Амин!
Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан
[1] Мт. 5, 48.
[2] Филип. 2, 7.
[3] Свети Силуан Атонски.
[4] Изреки 8, 17; 1. Цар. 2, 30.
[5] Свети Нектариј Егински.
[6] Станува збор за проф. д-р Атанасије Јевтиќ, подоцнежен епископ Банатски, а сега пензиониран Захумско-херцеговачки.