Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Илинденско послание (26.07.2017 20:15)

 

 

 

 

СТЕФАН

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,

МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА

НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,

А ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,

ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

 

 

Преславен пророку Илија,

послушај ја нашата молитва

и со твоето застапништво пред Бога –

дај ни дух на вистинска вера![1]

 

 

Возљубени во Господа,

Празнувањето на споменот на еден од најголемите старозаветни Божји угодници и пророци – свети Илија, е потсетување и на неговиот придонес во исполнувањето на Божјата волја за нашето постоење и спасение. Бог го создаде човекот според Својот образ и подобие, и го постави да управува со сите созданија на земјата[2]. За исполнување на тоа одговорно назначување, била потребна и соодветна духовна чистота и возвишеност. Тоа не се врши преку принуда, туку преку очистено срце и просветлен ум. Оттаму, пророчката служба не се доделува ни случајно, ни според некои надворешни мерила и заслуги. Тоа е плод на особената љубов на пророкот кон Бога и кон Неговите созданија.

Денешниов славеник, пророкот Илија, уште во младоста, со сето свое битие Го возљубил Бога. А пророк не е само оној кој претскажува нешто што ќе се случи во иднина, туку, пред сѐ, оној кој непоштедно и смело го разобличува гревот и ги поучува луѓето на вистината. Пророкот е и чувар на моралот и учител во добродетелноста, вистината и преданието. Светиот пророк Илија не се колебал да им се спротивставува дури и на световните властодршци, кога ќе забележел дека тие погрешно и острастено го раководат доверениот народ и кога не живеат праведно и според заповедите Божји.  

Инаку, пророкот Илија не запишал ништо, но сиот негов живот е вистинско пророчко послание![3] За неговата личност и место во духовната историја на човештвото говори и сведоштвото што тој, заедно со пророкот Мојсеј, бил присутен при Христовото преображение на планината Тавор[4]. Значи, тој не бил значаен само во старозаветните, туку е присутен и во новозаветните настани, a ќе се појави и пред Второто Христово доаѓање[5].

 

Возљубени празникољупци,

За нас, православните Македонци, празникот на свети пророк Илија – Илинден, покрај духовното, има и особено национално значење. Во два наврати, во особени историски настани, нашиот народ го избрал токму овој празник во обидот за стекнување на слободата – и во Илинденското востание и во Народно-ослободителната војна. Затоа Илинден претставува симбол на нашата праведна борба за слободен живот, право што им припаѓа на сите народи. Слободата е еден од најосновните и најскапоцени дарови за човекот! Оттаму, тој дар треба постојано да се чува и негува! И нема случаен народ на земјата Господова, бидејќи Бог од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивните живеалишта[6].

За стекнување и зачувување на слободата, потребна е постојана борба, зашто – Татковината само еднаш се ослободува однадвор, а потоа постојано се чува и брани одвнатре – порачува еден наш поет[7]. А желбата за слобода кај нашиот народ траела со векови. Затоа толку и се радуваше на крајот од вториот Илинден, иако слободата не ја обедини и не се оствари на сите делови од македонската земја. Но и по многуте жртви и страданија, ропства и туѓи владеења, и по сите отпори, буни и востанија, ни претстои уште потешка борба – за запазување и опстојување на нашата Татковина.

 

Возљубени потомци на славните борци,

Слободата и мирот на секој народ се темелат врз цврста внатрешна подлога – тоа се единството и слогата. А единството и слогата се градат, пред сѐ, врз меѓусебната љубов. Но љубовта не е само израз на добронамерност и сочувство, туку е надминување на секое себељубие, кое ги затвора и ги скаменува срцата на луѓето. Љубовта, најнапред, е жртвување за другиот и одрекување од сопствените потреби, желби и задоволства, и секогаш во интерес на сите. Богољубието и човекољубието се нераскинливо поврзани и невозможни се едното без другото, како и без подвигот за духовна преобразба. Затоа преподобниот Максим Исповедник поучува: сите заповеди се сместени во една – возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сета своја сила и со сиот свој разум[8]. Оној кој се труди да ги исполнува овие зборови, тој ги запазува сите заповеди одеднаш. Но кој не се одрече од страстите, тој не може вистински да Го љуби Бога[9]. Оттаму, честопати сме сведоци на лоши меѓучовечки односи, како последица од приврзаноста кон овоземните блага. Сѐ додека човекот е нивни роб, не ќе може да го има ни богољубието ни човекољубието во своето срце, не ќе ја има вистинската и полна слобода.

Во овие времиња преполни со предизвици, да не допуштиме национално разединување и меѓусебна нетрпеливост. Да се поучиме од сопствената историја, од личностите и настаните кои ги покажале плодовите од единството, но и последиците од неединството. Борбата за духовна слобода и за духовно единство е основа на борбата за национална слобода и единство. Искушенија имало и ќе има, но тие многу полесно се надминуваат кога со една уста и со едно срце Го славиме и воспеваме Бога[10] и заедно се грижиме за сопствената Татковина. Само така би биле достојни на нашите претшественици – илинденци, партизани, борци и бранители, паднати за слобода на Македонија.

 

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,

Живееме во време кога недоволно ја вреднуваме, па дури и ја  злоупотребуваме слободата, кога многу изопачени и неприродни појави се промовираат како вредности на живеење. Со современиот и брз начин на известување, тие мошне лесно се разнесуваат и шират. Наша задача, но и аманет од славните предци, е да ги негуваме вистинските духовни и национални вредности.

Темелот на секое стабилно општество е духовно здравото семејство. Како христијани не смееме да дозволиме да бидеме заведени од влијанието на некои туѓи сфаќања и новонастанати појави, кои го уништуваат основното начело и достоинство на брачниот и семејниот живот. Па, само од добри семејства се гради добро општество и во добри семејства се раѓаат, растат и се воспитуваат позитивни и полезни личности и за државата и за Црквата. – Родителите да не ги дразнат, туку да ги подигаат и да ги воспитуваат децата[11], зашто тие се наследство и дар од Господа[12]. Оттаму, не сѐ што се претставува како современо и навидум модерно, е и корисно и спасоносно! Слободата во изборот не значи и прифаќање на појави што го нарушуваат човечкото достоинство и христијанскиот морал. На човекот сѐ му е дозволено, но сѐ не му е полезно[13], зашто нему му доликува да живее по потребите на духот, а не по желбите на телото[14], советува апостолот Павле.

 

Возљубени во Господа,

Годинава ја одбележуваме и 50-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Се потсетуваме на таа Одлука од петочлениот Синод, раководен од блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј, која била едногласно и еднодушно прифатена од учесниците на Третиот црковно-народен собор, одржан на 17 и 18 јули 1967 година во Охрид, а која меѓу верниот народ, и во Татковината и меѓу Македонците по светот – со воодушевување и со радост била примена. Тој богоугоден и родољубив чин, по двовековните постојани обиди и борби, бил конечна победа и исполнување на правдата и вистината за древната Црква на македонскиот народ. Тоа духовно востание од пред пет децении, било уште еден дар од Бога, за што треба да сме бескрајно благодарни, но и одговорни. Нашите претходници ни го отворија и ни го покажаа патот, но ние сме должни да ги следиме нивните аманети. Да ја чуваме возобновената Охридска столица и љубоморно да се грижиме за чистотата на православната вера и за зајакнувањето на љубовта и единството меѓу нашиот, како и меѓусебното почитување и разбирање со другите народи.

Семоќниот Бог, по молитвите на свети Климент и сите светии од нашиот род, нека ни помагаат да истраеме на богоугодниот пат и да го зачуваме спасоносното дело. Сплотени и соединети, и по застапништвото на светиот пророк Илија, да се удостоиме со вечната и непрестајна заедница во Царството Божјо. Амин!

 

 

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

С Т Е Ф А Н

 

Заедно со членовите на Светиот архиерејски синод

на Македонската православна црква

 

ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и

администратор Австралиско – новозеландски

ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски и

администратор Австралиско – сиднејски

НАУМ, Митрополит Струмички

АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски

МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски

ПИМЕН, Митрополит Европски

ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички

ЈОСИФ, Митрополит Тетовско – гостиварски

ЈОСИФ, Митрополит Кумановско – осоговски

ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски

КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

 

Илинден, 2017 лето Господово

 



[1] Од Акатистот на свети пророк Илија.

[2] сп. 1 Мојс. 1, 26.

[3] в. 3. Цар. гл. 17 – 20 и 4. Цар. гл. 1, 2, 3 и 9.

[4] сп. Мт. 17, 3.

[5] Малах. 3, 23; Мт.  17, 10 – 11; Откр. 11, 3.

[6] Дела 17, 26.

[7] Теодор С. (Бошко Смаќовски), „Толкување на болката“.

[8] Лк. 10, 27.

[9] Свети Максим Изповедник, Творения, „Слово за подвижническия живот“, манастир „Св.вмчк. Георги Зограф“, 2002, 56.

[10] Од Канонот на светата Евхаристија.

[11] сп. Еф. 6, 1 и 4.

[12] сп. Пс. 126, 3.

[13] сп. 1. Кор. 6, 12.

[14] сп. Гал. 5, 16.