Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на црквата „Светите Кирил и Методиј“ во Велес (14.09.2017 14:17)

На 10 септември 2017 година,  Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежниот Митрополит Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф и епископот Хераклејски г. Климент, изврши осветување на новоизградената црква „Светите Кирил и Методиј“ во Велес.  По чинот на осветувањето на со слово кон многубројниот присутен народ се обрати Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Исто така, по осветувањето на црквата, со одлука на Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ги додели црковни одличија: орден од прв ред на Македонската православна црква на г. Кочо Анѓушев, вицепремиер на владата на Р. Македонија, и орден од прв ред на Македонската православна црква за Општина Велес, за големата поддршка во изградбата на овој храм.

Покрај одличјата на Светиот Синод на Македонската православна црква, црковни одличија додели и Повардарската епархија, односно Митрополитот Агатангел, и тоа ордени за црковни заслуги на: Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан; Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиски и Сиднејски г. Тимотеј; игуменот Методиј Петров од манастирот Валаам (Русија); г. Кочо Анѓушев од Велес; г. Мите и Тања Јовановски; г. Аце Коцевски од Велес; г. Горан Петров од Велес; 
г. Славчо Чадиев од Велес; Зографска тајфа „Св. Апостол Лука” од Скопје.

По чинот на осветувањето на храмот се отслужи Божествена Литургија. Чинот на осветувањето на црквата молитвено го проследија многубројни вреници од Велес, но и од други градови, а не беше мал бројот на оние кои за овој чин допатуваа од други земји.   

Во предвечерјето на овој чин се отслужи Вечерна богослужба со која чиноначалствуваше Митрполитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а присуствуваа Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Брегалнички г. Иларион. По завршувањето на Вечерната богослужба со слово кон многубројниот присутен народ се обрати Митрполитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а во продолжение на настанот следуваше културно-уметничка програма на која настапија црковните хорови на Повардарската епархија – „Св. вмч. Пантелејмон“ и „Св. Кирил и Методиј“, како и актерите Петар Темелков и Весна Димитрова-Бобевска со монолози.

Извор: Повардарска епархија