Преподобниот Јоаникиј Ракотински впишан во списокот на светиите (24.09.2017 15:26)
На 24 септември 2017 година, кога Црквата ги прославува преподобната Теодора Александриска и преподобниот Силуан Атонски, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Митрополитот Дебарско-кичевски и администратор австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Американско-канадски г. Методиј, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф и Епископот Хераклејски г. Климент, чиноначалствуваше на Божествената Литурургија во соборната црква „Свети Климент Охридски“ во Скопје, на која во списокот на светиите беше впишан преподобниот Јоаникиј Ракотински.
На архиереите им сослужуваа голем број свештенослужетели, а присуствуваше многуилјаден народ Божји, кој пристигна од сите краишта на нашата држава, но и од соседните земји, со цел да учествува во радоста на објавувањето на светоста на преподобниот наш отец Јоаникиј, да се поклони пред неговиот кивот, и да ги целива неговите свети мошти.
Светиот Јоаникиј ќе биде литургиски прославуван на 24 јануари, денот на неговото упокојување, а во наредниов период неговите свети мошти ќе бидат изложени во соборната црква „Свети Климент Охридски“ во Скопје, така што верните ќе можат да му оддадат почит, и да се помолат за молитвено застапништво.
Свети Јоаникие, моли Го Бога за нас!