Vesti i nastani
 
 
 
 
 

СТАВ на МПЦ за легализацијата на еднополовите сојузи (02.10.2017 14:49)

Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква (МПЦ) ја искажува својата загриженост во врска со одредени тенденции во современото општество кои се однесуваат на статусот на бракот, особено со легализацијата на истополовите сојузи.

Синодот го истакнува православното учење за бракот и сексуалноста на човекот, цврсто втемелено во Светото писмо, Светото предание и канонското право, според кои јасно е укажано дека Светата Тајна брак се состои во сојуз на еден маж и жена и дека автентичниот брак го изразува светото единство кое постои помеѓу Христос и Неговата Невеста, Црквата (Ефес. 5, 21-33). Бракот е нужно моногамен и хетеросексуален. Ниту Светото писмо, ниту Светотото предание, ниту пак, православната Црква не ги благословува заедниците меѓу лица од ист пол. Бракот помеѓу маж и жена е света установа која е раководена од Бога, додека истополовиот сојуз не е. Прељубата и блудот и хомосексуалните дела се осудени од Светото писмо (Рим. 1, 24-27; 1 Кор. 6, 10; 1 Тим. 1, 10).

Црквата е духовна болница кадешто сите ние сме повикани да го пронајдеме исцелението на нашето паднато човештво преку Исус Христос, Кој ја презеде човечката природа за да ја обнови. Сите ние се бориме со разни страсти и само во Црквата наоѓаме средства за надминување и преобразување на овие страсти со помош на Божјата благодат.

САС на МПЦ верува дека нашите верници ќе ја почитуваат и зачуваат благословената брачна заедница како трајна посветеност меѓу мажот и жената во Христос и категорично ќе ја отфрлат легализацијата на истополовите сојузи.