МПЦ ѝ благодари на Мајката-Црква БПЦ (27.11.2017 16:39)
Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), изразува благодарност до Неговата Светост, Патријархот Бугарски г. Неофит, како и до членовите на Светиот архиерејски синод на Бугарската православна црква (БПЦ), кои денес, на 27 ноември 2017 година, на своето заседание во Синодската палата во Софија, донесоа Решение по упатеното писмо од САС на МПЦ-ОА (САС бр. 181/2017).
Македонската православна црква и Бугарската православна црква имаат одговорност пред своите едноверни, благочестиви и православни народи кои на овие простори споделуваат мноштво заеднички христијански вредности низ вековниот опстој.
Донесеното Решение на САС на БПЦ, дава надеж за конечно решавање на статусот на легитимната автокефалност на Македонската православна црква во семејството на Помесните православни цркви. Очекуваме, и во иднина, Бугарската православна црква на МПЦ-ОА да ѝ биде постојан сотрудник во остварувањето на потребната богоугодна цел.
Од Канцеларијата
на Светиот архиерејски синод на
Македонската православна црква