„Да благоволи Господ во најскоро време да бидеме во единство, кое е посакувано од сите, и во благодатно евхаристиско општење“ (11.12.2017 10:11)
Денес, на празникот на Светите Тивериополски свештеномаченици – заштитници на градот Струмица, во црквата „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ Архиерејска Божествена Литургија отслужи Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф. На Литургијата молитвено и евхаристиско учество имаа Митрополитот Струмички г. Наум и Епископот Велички г. Сиониј од Бугарската Православна Црква.
Дел од писмото на Неговата Светост Неофит, Патријарх Бугарски, до Митрополитот Струмички г. Наум, кое посредно се однесува и на целата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија:
Ваше Високопреосвештенство,
Црковниот спомен на светите сефални Тивериополски свештеномаченици е заеднички за нашите цркви и православните народи. Тие се прославиле со своето сведоштво за Христос Распнатиот, така што во подвигот на мачеништвото и до ден-денес се особено почитувани од целата Црква, како едни од темелите на верата и на црковниот живот во нашиот регион.
Во двеилјадигодишната историја на христијанството маченичката крв секогаш се претворала во благодатно семе за процут на верата во Спасителот Христос, како сведоштво за бесплодноста на прогоните против Господ и Неговата света Црква. Истото се случило и по жртвениот подвиг на светите Тивериополски маченици, чиј пример за верата и денес продолжува да плени илјадници души да го следат спасителниот пат на Евангелието и Христовите заповеди, за да ги наследат Царството Божјо и вечниот живот.
На овој празничен ден нашите молитви кон Седарителот Бог се со Вас, со целата Ваша богодарувана паства и со Црквата во Република Македонија. Да благоволи Господ во најскоро време да бидеме во единство, кое е посакувано од сите, и во благодатно евхаристиско општење.
По молитвите на светите сефални Петнаесет Тивериополски свештеномаченици Бог да Ви дарува Вам и на Вашата богочувана Струмичка епархија вечен мир и изобилна благодатна помош.
Честит празник! За многу и благословени години!
Со братска во Христа љубов,
Неофит Патријарх Бугарски