Божикно послание (04.01.2018 12:36)
† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА
НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
Христос се раѓа, славете Го;
Христос доаѓа од небесата, пресретнете Го;
Христос е на земјата, вознесете се! 1
Возљубени празникољупци,
Денес не само што си спомнуваме за едно раѓање од пред две илјади години, туку и самите учествуваме во пресветлиот и прерадосен настан на рождеството на Синот Божји, Господ Исус Христос. Денес и ние со ангелите го објавуваме доаѓањето на Спасителот, ја следиме ѕвездата од Исток по патот кон витлеемската пештера, заедно со пастирите Го пречекуваме Новородениот Богомладенец, та со мудреците да Му принесеме дарови на ветениот Месија – Кој е Христос Господ2.
Денес се роди Синот на живиот Бог3, Оној Kој во почетокот беше во Бога4, Кој е одблесок на Божјата слава5, во Кого телесно пребива сета полнота на Божеството6, и преку Кого Отецот ги создаде и вековите7. Денес се потврди вистината дека Бог не ни е далечен, туку е со нас! Со нас е Бог, Кој зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето, и по вид се покажа како човек8, овозможувајќи ни на сите кои веруваме во Неговото име да станеме чеда Божји9. Преку Неговото рождество се потврди и светоста на секое раѓање и смислата на животот и ни се објави и објасни тајната, криена од векови во Бога10, тајна која, еве, се изврши во Христа11.
Возљубени во Господа,
Ние луѓето сме создадени за благодатна заедница со Бога, и од искона ни е дадена можноста себеси и сето творение непрестајно да Му го принесуваме на Творецот. Но нашите прародители, поради гревот, отпаднаа од таа заедница и, заменувајќи го богољубието со самољубие, Го заборавија Бога, па човекот започна да живее само за себе. Но бидејќи без Бога нема живот, обезбожениот свет се наполни со омраза и со неизвесност и настана бесмислена борба на секој против секого. Човекот застана дури и против својот Создател! Но Троичниот Бог, Кој е љубов, не го заборави човечкиот род, туку Го даде Својот Единороден Син12, и не отстапи да твори сè додека не нè воведе на небото и не ни го дарува Своето Царство13.
И еве, се роди Кнезот на мирот14, но не за да ни суди, туку да нè спаси од смртта и сè да измири со Себе15. Миротворењето е суштина на нашата вера, oти Христовото Евангелие е благовестие на мирот16. Господ Христос проповедаше и донесе мир за сите луѓе, творејќи мир преку жртвата на крстот17. Затоа Климент Александриски вели дека вистинските христијани се народ на мирот18, а свети Василиј Велики истакнува дека не е достоен за Христов следбеник, оној кој е без љубов кон другите и кој не е мирољубив кон сите и кон сè19.
Христијанското разбирање на мирот не се исцрпува со световното гледиште, кое мирот го гледа само како отсуство на војна, туку оди подлабоко и подразбира обновување на сè во првобитната состојба. Впрочем, и Самиот Христос вели мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот20. Според тоа, мирот кој го нуди Црквата е плод на обновувањето на заедницата помеѓу Бога и човечкиот род. Токму затоа светиот апостол Павле ни укажува дека преку Христа станавме едно со Бога21, зашто Неговото раѓање и Неговиот Крст донесоа ново создание22 и ново човештво, кое е мир.
Возљубени во Христа Богомладенецот
Божествениот дар на мирот станува реалност само кога христијаните постојано живеат во верата, љубовта и надежта. Па, затоа што како христијани го живееме мирот даруван од Бога, не сме рамнодушни пред неговото отсуство од светот, туку молитвено се застапуваме по сета земја да завладее небесниот мир. Имајќи го искуството на Божјата правда, се залагаме за поголема правдина во светот, и за искоренување на сите облици на угнетување. Постојано возвестувајќи дека Бог стана човек, ја препознаваме неповторливата вредност на секоја личност и го браниме правото на сите луѓе да имаат достоинствен живот.
Придонесот на Православната Црква во поглед на владеењето на мирот и на братољубието помеѓу луѓето се состои, пред сè, во саможртвеното сведоштво на љубовта Божја и на надежта во Неговото спасително слово. Доколку постојано Го носиме Бога во нашите срца, ќе можеме да ја сведочиме вистината, и да ги браниме мирот, правдата, слободата и почитта кон човекот како икона Божја. Само така ќе успееме да ја објавуваме светоста на светот, и ќе се удостоиме како христијани да се наречеме синови Божји и достојни чеда на нашите татковци.
Во овие светли дни на соборно прославување на Христовото Рождество, непрестајно да Му благодариме на Бога Отецот, Кој покажа бескрајна љубов кон нас, па да направиме јасли во нашите срца за во нив да се всели воплотениот Богомладенец. Да ги замениме омразата и користољубивоста, одмазадата и себичноста со љубов, пожртвуваност, прошка и милост. Да се поправаме, творејќи дела на благочестие, правдољубие и родољубие, оти Божик е ден во кој ни се откри единственото ново под сонцето, и ден во кој го добивме Дарот над даровите. Токму од таа неповторлива витлеемска ноќ, па до денес, Рождеството Христово е празник на небоземната радост во која учествуваат сите богољубиви души.
Возљубени чеда на Македонската православна црква,
Во годината со која се збогувавме, одбележавме пет децении од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија како Македонската православна црква. Во годината, пак, во која зачекоруваме, ќе го чествуваме и историскиот настан од пред 60 години, кога на Вториот црковно-народен собор, одржан на почетокот на октомври во 1958 година, беше обновена славната Охридска столица, а блаженоупокоениот Доситеј беше избран за поглавар на Охридската и Македонска архиепископија.
Ваквите одбележувања се прилика да се потсетиме на времето и, секако, на личностите кои придонесоа да се оттргнат неправдите кон нашата древна Охридска и Македонска Црква. Чествувањето на годишнините е можност да видиме што е постигнато и што уште треба да се направи во иднина, за да не се заборават аманетите на тие што ги донесоа богоугодните и радољубиви одлуки за возобновување на нашата света Црква.
Претстојното лето Господово нека биде исполнето со надеж дека и овде во Македонија, и меѓу иселените нашинци и насекаде по светот ќе завладеат мирот и добрата волја. А тоа најдобро ќе го постигнеме ако живееме според верата и преданието на Светата Црква, ако опстоиме во борбата за правото, достоинството и наследството на нашиот народ и Татковината, мудро чувајќи ја и вреднувајќи ја жртвата на нашите доблесни предци.
Да се поклониме пред новородениот Богомладенец – предвечниот Бог, Кој дојде меѓу нас луѓето и да се зарадуваме во Неговата неопислива слава, покажувајќи се достојни за Царството небесно. Да измолиме мир и добра волја во секого од нас, за да можеме достојно да го дочекаме и овој Божик и сите идни денови. Амин!
Х Р И С Т О С С Е Р О Д И !
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
† С Т Е Ф А Н
Заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на
Македонската православна црква
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско - пелагониски и
администратор Австралиско - новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско - кичевски и
администратор Австралиско - сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско - канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско - гостиварски
† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско - осоговски
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски
Божик, 2017-то лето Господово
1 Од Канонот на Рождество Христово.
2 Лк 2, 11.
3 Јн 6, 69.
4 Јн 1, 2.
5 Евр 1, 3.
6 Кол 2, 9.
7 Евр 1, 2.
8 Фил 2, 6.
9 Јн 1, 12.
10 Ефес 3, 9.
11 Ефес 3, 11.
12 Јн 3, 16.
13 Од евхаристискиот канон на Литургијата.
14 Иса 9, 6.
15 сп. Рим 3, 25.
16 сп. Еф 6, 15.
17 Кол 1, 20.
18 Педагог, 2, 2, PG 8, 428.
19Писма. 203:2, PG 32:737.
20 Јн 14, 27.
21 1. Кор 6, 17.
22 2. Кор 5, 17.