Бдение и литија во чест на Скоропослушница (12.03.2018 15:58)
Нашата небесна Закрилничка, Сепречистата Владичица Богородица, чедољубивата Мајка на родот христијански, и овој Велик Пост, преку чудотворната Своја икона Скоропослушница, ја покри нашата Татковина – a особено Струмица – со покровот на Нејзината Божествена љубов. Пред точно една година нè посети Таа благодатно со торжественото пристигнување на Скоропослушница во древниот Тивериопол, како велик благослов од Нејзината Градина, од обителта Дохијарска, а сега, еве, повторно ни ја покажа Својата слава и велелепие. Нејзиното таинствено присуство на бдението во храмот на Светите Петнаесет Свештеномаченици, на кое претстоеше домаќинот и предводникот на дводневното торжество Н. В. митрополитот Струмички г. Наум, ги радуваше срцата на стотиците верни, притекнати таму да Ѝ се поклонат на Царицата на луѓето и ангелите. А посебен благослов од Неа, како некој светогорски миомирис на духовно благоухание во крстопоклоното богослужение, беше молитвеното учество на браќа монаси од Светата Дохијарска Обител, кои допатуваа овде со благослов на својот Старец и игумен, архимандрит Григориј. И ете, нивните слаткопојни гласови, кои во созвучие со гласовите од хорот на Бигорскиот Манастир, образуваа една чудесна молитвена хармонија во слава Божја, уште еднаш ги посведочија Христовите зборови, дека каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив (Матеј, 18,20).
И утрово и денешниов неделен ден беа благодат врз благодат за Струмица. Најважно од сè – Светата и Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше Н. В. митрополит Европски г. Пимен, во сослужение со собраќата архиереи: Н. В. митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Н. В. митрополит Кумановско-осоговски г. Јосиф, потоа со нашиот Старец архимандрит Партениј, архимандритот Јаков, игуменот Фотиј, свештеникот и старешина на храмот отец Димитар Крцев и други.
Венец, пак, на молитвеното дводневие во чест на Пречистата Богомајка и Крстопоклоната недела, беше свечената и раскошна литија со иконата Скоропослушница по главните струмички улици. Илјадници души чекореа по благословот на нашата неуморна Застапничка, за најпосле да се соберат сите на плоштадот „Гоце Делчев“ и да го чујат поздравното и поучително слово најнапред на митрополитот Пимен, а потоа и на Неговото Сепреподобие јеромонахот Филотеј Дохијарски, кој со најголема љубов им се обрати на сите верни:
„Слава и благодарност Му должиме, браќа и сестри, на Троичниот Бог, Кој по една година повторно нè повика на ова место на Светите 15 Тивериополски маченици за да му пееме и на Крстот Христов, но и на доаѓањето на Пресвета Богородица во вашиот град.
Волја Божја е спасението на луѓето – и токму тоа се нарекло Црква, според зборовите на Св. Климент Александриски. Тоа е новиот свет што го создаде Бог, светот на Црквата. Кој гледа во тој свет, исто како да гледа во Самиот Христос, Кој е Алфа и Омега, Оној Кој е, Кој беше и Кој доаѓа, како што се вели во Откровението (Откр. 1,8). Христос е Главата и Он прими тело, што е зачеток на Црквата. Он ја определи Црквата како средиште и орган за предавање на спасението на луѓето, преку проповедта на Словото Божјо и извршувањето на светите Таинства. Он е целта на Црквата. Таинството на Црквата е самата тајна на вочовечувањето на Божјото Слово.
Верните ја сочинуваат Црквата кога се собираат на празничен собор за извршување на Божествената Евхаристија. Соучествуваат луѓето од земјата и светиите од небото, заедно со ангелите; Свештеноизвршител, Жртвоприносител и Жртва е Самиот Господ Исус Христос. Црквата наша, соборната Црква се распространува, се предава на целиот свет, и е составена од различни помесни цркви. Се нарекува Црква не затоа што ние самите се собравме, туку затоа што нè повикува Самиот Бог. Он ги повикува и луѓето коишто се борат на земјата, и оние што заминале на небото.
Во Символот на верата велиме: Во едната, света, соборна и апостолска Црква. Зборуваме за единството, светоста, соборноста и апостолството – четирите особини на едната Црква. Една е Главата – Христос, едното е телото – Црквата. Се соединува Христос како Глава со верните. Една вера, еден Дух. Светоста Христова е таа којашто му ја дава светоста на Црквата, а не нашата светост. Духовната борба на секој верник е тоа што нè прави членови на Црквата. Црквата ја нарекуваме соборна, бидејќи Христос ја основа неа да биде вселенска – единствен кораб на нашето спасение – неразрушлива до крајот на вековите. Апостолска – бидејќи Христос избра апостоли и ги испрати во Црквата, коишто до денес, преку нивните наследници, ги поучуваат сите верни.
Центар на единството е Самиот Христос. Силата којашто го остварува единството е Светиот Дух. Единството на Црквата го одразува единството на Трите Божествени Лица. Само едно може да биде семејството на чедата на Бога и на Самиот Бог Отец. Затоа постои само една Црква, а не повеќе. Другите се просто конфесии, но не и Црква. Постои само еден Христос, во Чие име се крштеваат сите Христијани, и Кому принадлежиме сите ние. Еден е Светиот Дух, Кој ги исполнува и соединува верните во телото Христово.
Поделбите што постојат на земјата произлегуваат од човечките несовршености, од нашите гревови и егоизам. Од Бога произлегува само внатрешното, таинствено, натприродно единство. Не постои видлива и невидлива Црква, ниту, пак, е вистина тоа дека невидливата Црква е една и обединета, а видливата – поделена. Црквата е една. Зашто нашиот град е на небесата – вели апостол Павле. Градбата на Црквата е дар од Бога, Кој го соединува телото со Главата.
Земните дела на луѓето: имињата, личностите, работите, границите, схизмите, славољубијата, политичките заповеди и насоки – сето тоа е човечка измислица. Тајната на единството е повозвишена од сè. Затоа единството прво се споменува во Символот на верата. Црквата е една не затоа што е заедница на светиите – не дека немаме гревови – туку затоа што сме обединети со Христос и помеѓу себе.
Пресвета наша Скоропослушничке, Која нè повика денес овде, помогни да постои единство во верата помеѓу нас и заедница во Светиот Дух, прекрати ги схизмите во Црквата, дај ни смирена мисла и воспостави длабок мир во Твојата Црква. Амин!“
Извор: Бигорски манастир