Соопштение (13.03.2018 11:36)
Светиот архиерејски синод (САС), на Македонската православна црква - Охридска архиеископија (МПЦ-ОА), на својата редовна седница, одржана на 13 март 2018 година, разгледа повеќе прашања од црковниот живот, при што посвети посебно внимание на дејноста на воспитно-образовните институции, како и за престојните прослави на црковните јубилеи. Ова 2018 лето Господово е јубилејно и нашата Црква ќе ја одбележи илјадагодишнината на Охридската архиепископија, во катедралниот храм на Охридските Архиепископи - “Света Софија” во Охрид на 28 мај. Исто така, во првата седмица од месец октомври 2018 година, ќе се одржи и Архиепископски црковно-народен собор и ќе се одбележат 60-те години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ.
Светиот Синод, обрна посебно внимание на Предлог-текстот за промена на Уставот на Српската православна црква (СПЦ), и со жалење констатира, дека истиот содржи хегемонистички аспирации и националистички претензии врз суверенитетот и независноста на Република Македонија, како и грубо мешање во јурисдикцијата на Македонската православна црква - Охридска архиепископија.
Со ова, СПЦ покажува своевиден анахронизам, контрадиктторност и непринципиелност кон своите сопствени одлуки:
- САС на СПЦ бр. 1744/ зап. 343 од 1959 година, чл. 165 точка 6 кадешто се вели: “Со оваа Одлука, престануваат да важат прописите од Уставот на СПЦ, за епархиите и архиереите на територија на НРМ.”
- Истата Одлука на Синодот е потврдена на Светиот архиерејски собор на СПЦ – АС бр. 47/958 од 17 јуни 1959 година, донесена во Белград.
Кој има очи - ќе види и кој има уши - ќе слушне!
Од Канцеларијата на САС на МПЦ