Почетокот на Светата Четириесетница во Охрид (14.03.2005)
„Засветли благодатта Твоја, Господи, засветли просветлението на душите наши. Ова е време благопријатно, ова е време за покајание; да ги отфрлиме делата на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината; и, откако ќе ја препливаме големата морска шир на постот, да стигнеме до тридневното Воскресение на Господ и Спасителот наш Исус Христос, Кој ги спасува душите наши.“
(вечерна стихира од неделата на сирната седмица)
Почетокот на Светата Четириесетница во Дебарско-кичевската епархија беше означен со Вечерна богослужба во црквата на Успението на Пресвета Богородица (Каменско), во Охрид. По тој повод во оваа црква се одржа едноцрквие на кое присуствуваа сите свештенослужители од градот, заедно со нивните семејства, како и голем број верници од Охрид. На Вечерната богослужба присуствуваше и надлежниот архиереј, Митрополитот г. Тимотеј. На крајот од Вечерната Владиката Тимотеј им се обрати на свештенослужителите и на верниците со беседа.
„Ова е ден во кој сите православни христијани се подготвуваат со простување на прегрешенијата, сторени волно и неволно кон своите блиски и кон сите луѓе, да стават почеток на Светиот Пост. Односно, пред да се започне со физичкиот пост и воздржување од храната, најнапред христијанинот е должен да побара прошка од луѓето за сѐ што згрешил и на тој начин со покајание во срцето и со помошта на постот да го започне четириесетдневното патешествие на личен подвиг и учество во посните богослуженија.“
Токму тоа денес се случува и во сите православни храмови во целото Православие. Верниците и свештенослужителите на овој ден, Прочка, бараат простување за сите навреди и за сите волни и неволни согрешенија кон нашите браќа и сестри. Токму онака како и што нѐ поучува денес прочитаното Евангелие: „Ако не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“ (Матеј 6, 15).
Обраќајќи се до Црквата Божја, Владиката меѓу другото рече: „Да се потрудиме и преку целиот наш живот, а особено за време на Светиов Пост, со своето кајче (на животот) да впловиме кон ТИВКОТО ПРИСТАНИШТЕ, кон Христа Спасителот наш. Со пост, молитва и искрено покајание и со благодатта на Светиот Дух, преку Светите Тајни на нашата света Црква, а особено преку Светата Причест, односно со Телото и Крвта на Христа Спасителот, да се потрудиме во овие благодатни денови да го очистиме нашето срце и душа, та пловејќи по вознемиреното животно море кон Христа и со Христа, да впловиме и ние, како разбојникот од крстот, во спасоносното ТИВКО ПРИСТАНИШТЕ, во Царството Божјо”.
Нека ни е благословена светата и спасителна Четириесетница, очистителка на нашите души и тела ...на многу години! Амин.