Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Излезе од печат најновиот број на списанието „Премин“ (07.10.2018 10:20)

Излезе од печат новиот број на списанието „Премин“, кој е посветен преподобен Максим Исповедник.

Низ Духот излеа потоци на учење за Црквата;

го објасни истоштението на Бога Словото,

и засветли во твојата борба како исповедник на верата;

свет оче Максиме, моли Го Христа Бога

да ни ја дарува Неговата голема милост.

(тропар на преп. Максим Исповедник)

 

***

Старецот: Љубовта ги содржи милоста и чинењето добро на ближниот, долготрпението и поднесувањето на сè што од него доаѓа. Имајќи ги овие својства, љубовта го скротува гневот кај оној што ја стекнал.

Братот: Навистина, не се мали нејзините дела. Блажен е оној што е во состојба да ја стекне. Јас, пак, навистина сум далеку од неа. Сепак, те молам, отец, кажи ми што е долготрпение.

Старецот: Пред сè, духот треба да биде непоколеблив во маките, истраен во неволјите и издржлив до крајот на искушенијата, без лесно да се гневи; не смееме да изговориме неразумен збор или да се сомневаме и помислиме нешто што не му доликува на благочестив човек, како што е речено и во Светото Писмо: „Трпеливиот човек претрпува докрај, а потоа – наградата негова е радост. Долго ги сокрива своите зборови, а устите на верните ќе говорат за неговата разумност“ (Мудр. Сирах. 1, 23–24).

Ете, тоа се својствата на долготрпението! И не само тоа, туку потребно е и да се сметаме како причина за искушенијата. И тоа е својство на долготрпението. А, можеби е и така. Зашто, многу нешта ни се случуваат за наше поучување или за очистување од нашите гревови, или за да се ослободиме од нашата мрзеливост, или пак, за да се спречат идни гревови. Оној што мисли дека искушението му се случува поради една од тие причини, не е збунет од неговиот напад, особено ако е свесен за својот грев – тој нема да го обвинува оној преку кого дошло искушението. Оти, дали преку него или преку некој друг, тој сигурно ќе мора да ја испие чашата на Божjиот суд. Напротив, тој го вперува својот поглед кон Бог и Му благодари што му ги испратил тие искушенија, обвинувајќи се самиот себе. Тој со радост прима прекор, како и Давид од Семеј  или како многустрадалниот Јов од својата жена . Неразумниот, пак, бара од Бог милост, но потоа ја одбива, бидејќи не дошла како што тој сакал, туку како што промислил Лекарот на душите. Токму затоа станува малодушен и се растревожува, та еднаш се гневи на луѓето, другпат хули на Бог. На тој начин покажува неблагодарност и не се вразумува.

(преп. Максим Исповедник)