Архиепископски црковно-народен собор во Охрид (7.10.2018 12:55)
„Некогаш народите беа расеани поради дрскоста на градителите на кулата, а сега народите се исполнија со мудрост поради славното Богопознание. Таму Бог ги осуди безбожните поради нивниот грев, а овде Христос со Духот ги просветли рибарите. Тогаш наместо казна беа измешани јазиците, а сега се обновува едногласноста на душите наши“ (стиховна стихира на Слава... на Вечерна на Педесетница).
Недостижна е врвната сила на Бога, Кој преку Својот Дух ги прави верните премудри говорници и ги исполнува со познанието на Света Троица. Преку тоа славно Богопознание, како што вели и црковниот поет, се гради и постојано се обновува едногласноста на нашите души. Таа едногласност кај нашиот верен народ, некогаш и од внатре, но најчесто од надворешни сили, била и нарушувана, но никогаш не била целосно срушена и прекината. Светиот Дух, пак и пак, ја враќал и ги обединувал своите верни чеда, кои, пак, никогаш не ја губеле надежта во Него.
Тоа Богопознание и таа еднодушност беа водителите на членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, предводени од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во годината кога прославуваме 1000 години од Охридската архиепископија и 60 години од Македонската православна црква, да донесат одлука за одржување на Јубилеен Архиепископски црковно-народен собор, кој се одржа на 06 и 07 октомври 2018 година во Калишта, Струга и во Охрид.
Соборот започна на 06 октомври, и како што доликува на секое христијанско собрание, истиот започна со Призив на Светиот Дух, во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта, Струга. По пригодните молитви, почна заседанието на Соборот, најпрво со свечен дел, на кој свое обраќање имаше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во Р. Македонија, г. Даријан Сотировски. По свечениот дел, следуваше работниот дел на заседанието, на кој се разгледуваа повеќе прашања од актуелниот живот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија. Сите прашања, со искрена и корисна дебата, беа решени во еднодушност, а покрај другото, Соборот реши Архиепископот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија да ја носи титулата Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима. Истиот ден, во вечерните часови, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше одржана Свечена академија, на која свое обраќање имаше Архиепископот г.г. Стефан, а храмот се исполни со прекрасните звуци на хорот при храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ Скопје, како и од братството на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“. На Академијата беше прикажано и видео за Вториот црковно-народен собор.
Овогодинешниот Јубилеен собор заврши на 07 октомври, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, каде што се отслужи света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј, Петар, Агатангел, Пимен, Иларион, Јосиф и Јосиф и епископот Климент, како и многубројни свештенослужители од сите епархии на Македонската православна црква - Охридска архиепископија. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Агатангел се обрати со пригодна беседа кон неизбројниот верен народ, кој дојде од сите страни за да го прослави овој свечен и јубилеен ден.