Соопштение (06.12.2018 13:39)
Уште од најрани времиња, од апостолско време па до денес, луѓето кои ја сочинувале и управувале со Црквата, располагале со имоти кои биле користени за добробит на заедницата.
Во последно време, се појавува интерес кај медиумите во однос на Македонската православна црква (МПЦ), а поконкретно со правото на сопственост и поседување на црковен имот.
Чувствуваме за потреба, да истакнеме пред македонската јавност, па и пошироко, дека МПЦ е институција со најдолговековна традиција на постоење на овие простори. Тоа придонело Црквата да поседува свој имот со чие управување не се нарушени ниту црковните каноните, ниту, пак, Божјите заповеди, а е во согласност со државните закони.
Црквата е возглавена од Богочовекот Христос, но неа ја сочинуваат луѓе - верен народ, свештенство, монаштво и епископство. Како и секој човек што има потреба, а и долг кон Божјото создание (Бит. 1, 26-27), да се грижи за својата душа и тело, кое е храм на душата, така и ние како Богочовечки организам сме повикани да се грижиме за одржување на довереното од Бога, онака како што постапил верниот слуга кон својот господар и ги умножил талантите (Мат. 25, 14-28).
Оттаму произлегува дека и МПЦ има потреба од грижа и негување на земни блага за добробит на својата структура, па од таа причина таа е повикана, имотот кој го поседува, домаќински да го стопанисува, а преку тоа да може да ја извршува својата мисија и исконска примарна задача за доброто на својот верен македонски народ.
Од Канцеларијата
на Светиот архиерејски синод на
Македонската православна црква