Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во црквата Света Софија (21.03.2005)

Во првата Недела од Чесниот Пост, Неделата на Православието, во Охрид Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј отслужи Божествена Литургија во древниот катедрален храм на Светата Премудрост, Спасителот наш Господ Исус Христос, Света Софија. На Литургијата присуствуваа поголем број верници од градот, кои подготвувајќи се со телесниот пост и вооружувајќи се со духовен пост за напредок во духовната борба за очистување од страстите, пристапија да се причестат со Светите Христови Тајни. На Литургијата во Света Софија пееше  машкиот хор Св. Климент Охридски, од кој поголем број членови со усрдност пристапија да се причестат.

На присутните верници Митрополитот Тимотеј им се обрати со беседа во која покрај објаснувањето за победата на Православието и нејзиното прославување во оваа прва недела од Великиот Пост, накратко се задржа на христијанските должности кои треба да бидат живот за секој христијанин. Во беседата Митрополитот подвлече:

„Навистина не е лесно да им се прости на оние што ги нарушуваат нашите планови, на полето на нашето работење, кога очекуваме поволен успех. Меѓутоа, ставот на непростување не е во складност со христијанскиот поглед кон човековите лични односи со ближните. Господ Исус Христос препорачува покрај љубовта кон Бога и кон своите поблиски да имаме уште една љубов. Он вели: ’Љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат’ (Мат. 5, 44).

Мораме да бидеме внимателни кон луѓето. Да не даваме повод луѓето да ни нанесуваат навреди, да ги одмеруваме нашите постапки кон другите. Ако забележиме дека нашиот брат покажува извесно незадоволство со нашиот став кон него, и покрај тоа што ние сметаме дека тој не е во право, да го користиме и тука, поради мирот помеѓу нас и за лично добро, советот на Господа Исуса Христа: ’Ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот’ (Мат. 5, 23 - 24).

Без взаемното простување Бог нема да ни ги прими нашите молитви и жртви. Простувањето не треба да биде само со јазик, туку и на дело. Треба и потполно да ги избришиш од срцето навредите, како да не постоеле. Во тој случај милостивиот Отец Небесен ќе ги избрише од бележникот твоите престапи и гревови, но само под претпоставка ако искрено се каеш и молиш за простување. Ако така направиш, после взаемното простување, ќе почувствуваш големо олеснување во душата и неизмерна духовна радост.“

 

Во оваа прва недела од светата Четириесетница Православаната Црква во богослужбениот циклус го внесува споменот на победата на Православието над иконоборството. Тоа е конечната победа над ереста на гонењето на иконите, која под заштита на царевите иконоборци со голем замав во текот на VIII и во почетокот од IX век се спростираше по Византиското царство на Исток. Црквата ѝ одговрои на ереста со храбро исповедање на иконопочитувањето, а многумина православни го потврдија и со својот сопствен живот. Во овие прогони, христијаните кои останаа православно да ги чествуваат иконите благочестиво ги криеја пред наездата на нивните уништувачи. Прекрасни и чудотоврни икони за време на ереста беа пожртвувано сокривани, а некои од нив со благодатта Божја се сочуваа на чудесен начин. Седмиот Вселенски Собор во Никеја (787 г.) со црковни канони го регулираше почитувањето на иконите („Честа што му се укажува на ликот изобразен на иконата се пренесува на Прволикот, а оној што ѝ се поклонува на иконата ѝ се поклонува на личноста насликана на неа“, се вели меѓу другото во соборската одлука на Отците во одговор на недоуменијата на еретиците коишто под извесни влијанија на монофизитството и на исламот ги сметаа иконите за недолични за христијанството). Сепак, во почетокот на IX век, благодарение на политиката на некои од византиските цареви кои во она време брзо се сменуваа на престолот во Константинопол, иконоборството повторно се засили и голем број иконофили (меѓу кои многумина вистински духовни атлети и црковни достоинственици) беа протерани, а иконите повторно уништувани.

По големите немири и масовни превирања, царицата Теодора и Константинополскиот патријарх Методиј најдоа помош од Бога да ѝ стават крај на ереста, та одново го воспоставија и конечно го озаконија почитувањето на иконите на 11 март 843 г.