Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Став на Црквите и верските заедници во врска со абортусот (14.03.2019 11:41)

На 4 март 2019 година, во државното Собрание беше одржана јавна расправа на тема „Предлог-закон за прекинување на бременоста“. Расправата, која ја одржа Собраниската комисија за здравство, беше забранета за претставниците на Црквите и верските заедници, со што кон нив беше извршена груба дискриминација како и флагрантно кршење на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, предвидени со член 16 од Уставот каде што се гарантира слобода на уверување и мисла и јавно изразување на мислата. Изговорот на претседателот на комисијата, искажан пред присутните претставници на граѓанските здруженија и организации во нашата држава кои своето постоење го темелат на одбраната на човековите слободи и права (што во конкретниот случај не го покажаа и докажаа) - дека ова попречување е врз основа на амандман од македонскиот Устав според кој нашата држава е секуларна, е несериозен, затоа што свештените лица не бараа пристап до собраниската расправа за да се молат и да се клањаат, туку да земат активно учество во граѓанска дискусија која се однесува на закон кој ќе биде задолжителен за сите. Спречувањето на нивното присуство само јасно укажува на формалноста на јавната расправа, и тоа во ситуација кога одлуката е веќе донесена, без разлика колку и да се цврсти аргументите кои ѝ се спротивставени.

Во овој контекст, би сакале да потсетиме дека претставниците на Црквите и верските заедници со собраниска одлука се дел од Националниот совет за интеграции „во функција на засилување на активностите и одговорностите на сите надлежни државни и на другите органи и институции во обезбедувањето заедничка согласност и координирано дејствување во процесот на добивање членство на нашата држава во Европската унија“, нешто што воопшто не е побарано од Црквите и верските заедници, а коешто за собраниските предлагачи очигледно не било во судир со уставната секуларност на Државата.

 

Нашиот заеднички став е дека предложеното законско решение за прекинување на бременоста го прекршува основното право на живот на нероденото дете и го легализира свесното одземање на невин живот.