Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот на преподобен Наум Охридски во Охрид (03.07.2019 11:18)

Преподобен Науме, заедно со божествениот Климент

ја обиколивте земјата и, откако ја обработивте,

ги засеавте во неа божествените догмати,

па и сега ги берете плодовите од божественото познание,

и годишните пеења.

(Песна од канонот на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец)

 

И оваа година, неизброен верен народ дојде во манастирот на мизискиот светилник, на чесниот украс на монаштвото, преподобниот Наум, Охридскиот Чудотворец, за да ги прослави неговите подвизи и чудеса. Прославата на преподобниот Охридски апостол започна на 2 јули, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот Јова Димитров, свештениците Димче Азески, Љупчо Бакрачески и Александар Димоски, јеромонахот Ефросиниј и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа.

Празнувањето на премудриот Наум продолжи утредента на 3 јули, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов и Тоди Јован (од Албанската Православна Ццрква), свештениците Димче Азески, Љупчо Бакрачески и Александар Димоски, јеромонахот Ефросиниј и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет, а Митрополитот Петар се обрати кон верниците со пригодна беседа. 

 

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј од Вечерната богослужба. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.


Драги браќа и сестри,

Нашиот праотец Адам, додека бил со Бога во рајските предели, имал чисто срце. Бог му се јавувал, разговарал со него. Меѓу нив постоел присен однос. Нашиот Спасител Господ Исус Христос, во Својата беседа на гората на блаженствата, меѓу другото, вели: „Блажени се чистите по срце оти тие ќе Го видат Бога“ (Мт. 5, 8). Не е можно човек да ја види и сфати суштината Божја. Но, оние што живеат праведно и благочестиво во своето чисто срце Го чувствуваат Бога и Неговото невидливо благодатно присуство. Ние знаеме дека во Стариот Завет Бог му се јавил на Авраам во вид на тројца патници покрај Мамврискиот даб. На Мојсеј му се јавил во капината. Исто така, му се јавил и на пророкот Илија, бидејќи овие луѓе, старозаветни праведници, имале чисто срце.

Ова јавување во Стариот Завет, во споредба со тоа што го гледаат праведниците во вечниот живот, е како гледање во огледало, а тогаш ќе биде лице во лице. „Сега знам нешто, а тогаш ќе знам како што сум познат“ (1 Кор. 13, 12). За тоа ни зборува и светиот апостол и евангелист Јован, во своето Послание, кога вели: „Сега сме чеда Божји! Но, уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е“ (1 Јн. 3, 2). Се поставува прашањето дали е можно да се има такво блаженство со чисто срце кое може да Го види Бога? За време на нашиот живот треба да го чуваме своето срце. Но, да се постигне тоа, потребно е да се има голема будност и да се вложи голем труд, бидејќи „царството небесно насила се зема и силните го грабаат" (Мт. 11, 12). Покрај нашата будност и трудољубивост ќе добиеме и помош Божја преку Неговата неискажлива благодат да го сочуваме чисто нашето срце. Затоа е потребно да бидеме постојано будни, бидејќи Бог гледа сѐ и знае сѐ. Ги знае и нашите помисли, а не само нашите дела, па според зборовите на свети Јован Златоуст, „треба постојано да стражариме на вратата на нашето срце и да го чуваме од сѐ она што би ни го ускратило нашето радосно општење со Бога“.

Преподобен Пајсиј Велики вели: „Во загреан сад на оган не можат да дојдат никакви инсекти. Ако човек го загрее своето срце со вистина, доброта и љубов, ѓаволот не може да допре до таквото срце. Најдобро средство за чистење на срцето, ако не е извалкано, е молитвата. Таа е оган кој го загрева срцето, побудува во него побожност, го исфрла гревот, ја привлекува благодатта Божја за да го очисти и измие срцето“. Срцето, пак, на грешен човек го опфаќа тага и болка, бидејќи гревот ја има прекинато нитката на заедничарење со милостивиот Бог. Ако се успее нечистото срце да се очисти со покајни солзи, а преку тоа да се воспостави прекинатата врска со нашиот небесен Отец, таквите христијани со нивните духовни очи гледаат и со срцето го чувствуваат присуството Божјо.

Многубројни се нашите светители и угодници Божји кои постигнале чисто срце со нивните подвизи, откажувајќи се од земните сладости заради небесното Царство. Ги чистеле нивните срца за време на молитва и биле озарени со светлината Божја, па дури и разговарале со безгрешниот Бог и со нивните духовни очи ја гледале светлината на Неговото лице.

Чистото срце е слично на добра обработена плодна земја, која донесува разновидни и обилни плодови. Чистото срце раѓа кротост, смиреност и милосрдие. Во бистра вода се огледува и небото и сонцето, и таа ги освежува жедните и ја гасне телесната жед. Човечкото срце е слично на бистрата вода. Го отсликува духовното небо и духовното сонце, и во него се огледува Божјата кротост, сјај и величие. Во чисто срце се отсликува светоста Божја. Вистинска светлина која го осветлува секој човек. Чистото срце е слично на оган, па како што огнот го чисти за'рѓаниот метал, така и чистото срце го изгорува гревот во себе. Чистото срце е храм Божји. На таквото срце својствено му е да Го сака Бога, а Господ Исус Христос ни порачува: „Кој ги има заповедите Mои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец и Јас ќе го возљубам и ќе му се јавам Сам“ (Јн. 14, 21).

Да се потрудиме и ние, а милостивиот Бог ќе ни помогне да ги очистиме нашите срца. Преку тоа ќе ја почувствуваме благодатта Божја уште овде на земјава, а на небото ќе живееме гледајќи ја Неговата Божествена светлина. По молитвите на преподобниот Наум Охридски, чиј спомен денес го празнуваме, така нека биде. Амин.


02.07.2019 год.
Вечерна на преп. Наум Охридски
Манастир „Св. Наум Охридски“, Охрид