Илинденско послание (28.07.2019 20:32)
† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
А ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА!
Те молиме, божествен пророче
и боговидецу Илија,
дарувај му победа на нашиот народ…,
а на душите наши – милост голема!
(од Втората литијна стихира на празникот)
Возљубени празникољупци,
Секоја година на овој ден прославуваме голем старозаветен праведник и богоугодник, го чествуваме светиот пророк Илија – ангелот во тело, столбот на пророците, вториот претеча на Христовото доаѓање… (види: 3 Цар 17–19). На овој ден, заедно со хорот на светите од сите времиња, од сите земји и народи, го прославуваме громогласниот пратеник на живиот Бог. Но, исто така, денот на свети Илија – Илинден, покрај во духовната, има и посебно место во националната историја на македонскиот народ, зашто е ден над деновите во обидите за духовна и за национална слобода.
Свети Илија бил пророк силен на збор и голем на дело. Неговото житие раскажува дека тој со бројни чудеса ја покажал силата и власта на живиот Бог: го затворил небото и немало дожд три години и шест месеци; спуштил оган од небото и ја запалил жртвата принесена на неговиот Бог; Го помолил Бога за дожд и заврнало дожд; чудесно ги умножил брашното и маслото во домот на вдовицата од Сарепта и го воскреснал нејзиниот упокоен син; ја прорекол пропаста на непријателите Божји; разговарал со Бога на Хорив и го слушнал гласот Божји во тивкиот нечуен ветар; со огнена колесница се вознел на небото, оставајќи му го пророчкиот дар на својот ученик, светиот пророк Елисеј.
Возљубени чеда на нашата света Црква,
Црковното минато на нашиот богољубив народ наликува на иконостас, во кој секоја икона прикажува по една сцена од тешкиот, но благословен пат на врвење низ историјата. И речиси во многу од тие историски моменти, народниот живот е сличен со животот на овој наш сенароден патрон – на светиот пророк Илија.
Имено, со проповедта на светиот апостол Павле и по мисијата на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и нивните свети ученици Климент и Наум Охридски, евангелското слово се пренесе во срцата на нашите предци. Тие со сето свое битие Го возљубија Христа Господа и Неговиот живототворен Крст, имајќи го Царството небесно пред земните минливи нешта. Па така, посеаното евангелско семе роди многукратен плод: и во Македонија и низ повеќе народи и земји, се рашири богоблагословената писменост на јазикот чија единствена цел и смисла беше ангелоподобно да Го воспева Троичниот Бог. Како Вааловите жреци, беа побиени лажните учења со кои се забрануваше да Го слават Бога на свој јазик и со свое писмо. Како со небесна роса, народите беа измиени од нечистотијата на многубожечкото лажно верување. Подобно на чудесното умножување на брашното и маслото во домот на вдовицата, беа преумножени знаењето и верата во единиот вистински Бог.
Нашиот народ Го возљуби Бога и скрушeно Му се принесе како жртва сепаленица, носејќи го низ времињата достоинствено својот крст. Па, како несогорливата капина, тој непрекинато гореше со огнот на Словото, трпејќи низ вековите страданија и неправди, понижувања и клевети, поробувања и измачувања… И покрај сѐ, Му благодареше на Бога за трпението и надежта што му ги дарувал – и, преку своето историско постоење, да ги изобразува Христовите спасителни страданија. Долги столетија нашиот народ се подвизуваше во пустината на овој свет, единствено насладувајќи се од гласот Божји. Во најтешките, пак, мигови, човекољубивиот Бог секогаш му го праќаше колесничарот Илија за да го воскресне, подобно на синот на сарептската вдовица.
Возљубени потомци на славните иленденци,
Илинденското востание од 1903 година е многу повеќе од бунт против поробувачите. Тоа е завет запечатен со крвта на нашите богољубиви и слободољубиви предци. Тоа е дело кое се темелело на благородна идеја, а во неговата основа се наоѓале евангелските идеали за слобода, правда и рамноправност. И, впрочем, иако востанието завршило со ограничен успех, долгорочно победата им припаднала на илинденците. Историски не е важно што извојуваната слобода траела кратко, туку што таа била мотив во понатамошната борба за конечната слобода, што ја живееме денес.
На Првото заседание на АСНОМ, одржано во 1944 година во манастирот „Свети Прохор Пчињски”, повторно на Илинден, возобновена е македонската државност, а со тоа се создале услови и за воскреснување на древната Охридска Архиепископија. Македонскиот народ непоколебливо и пожртвувано застанал заедно со слободољубивите народи во борбата против фашизмот, и извојувал победа.
По молитвеното застапништво на светиот пророк Илија, на осми септември 1991 година, Македонија се прогласи за суверена и самостојна демократска држава. Празнувајќи го денешниот ден, се радуваме, искажувајќи ја нашата благодарност кон Бога, Кој ги благословува и им дава вечна вредност на сите богољубиви и чобекољубиви дела и подвизи.
Возљубени родољупци,
Илинденската радост не би била вистинска кога би заборавиле дека завршиле сите борби. Но, сведоци сме дека продолжува борбата со предизвиците на светот околу нас и со нашите внатрешни искушенија. Како никогаш досега, во нашево време имаме потреба од пророчкото сведоштво на богоугодниот пророк Илија. Заборавените вредности, меѓусебната идеолошка и политичка поделеност, потрошувачкиот начин на живот, негрижата за животната средина, социјалната нееднаквост, самодоволноста и горделивоста се наметнуваат како норми кои немаат ништо заедничко со вековното предание на нашите постари генерации. Земјата што ја наследивме од нашите богобојазливи прадедовци сега опустува, а сѐ повеќе млади луѓе заминуваат во други земји. Свештениот град Охрид – сесловенскиот Ерусалим, поради недоволната грижа и отсуството на потребна одговорност од надлежните институции, се наоѓа во опасност да биде исклучен од светската листа на културно наследство на УНЕСКО. Духовната несигурност ги отвора ширум портите за агресивниот настап на сектите, за туѓите идеологии и за неприродните сфаќања, несвојствени на нашето православно народно предание. Затоа, борејќи се со бројните искушенија и предизвици, да останеме мудри како змии и незлобни како гулаби (Мат. 10, 16), та да им се спротивставиме на начин кој ни доликува – да станеме подобни на светиот пророк Илија, кој со голема ревност ја бранеше Вистината.
Возљубени чеда на нашата света Црква,
Свети Илија и денес нè повикува на сенародно покајание! Да се обратиме кон Христа Господа и да се покаеме за сето напразно загубено време, за сета млакост во верата и во љубовта, за секој миг во кој сме заборавале дека конечната цел на нашето постоење е заедницата со Него Самиот. Да побараме прошка од оние на кои сме им згрешиле, но и да им простиме и на оние кои тоа искрено го бараат од нас.
Во ова време преполно со предизвици, потребна ни е дополнителна будност и во бранењето на слободата, и национална и духовна, како и во грижата за споменот кон оние коишто се жртвуваа бранејќи ги верата и Татковината. За нашите вистина и историја немаме право на отстапки заради сегашноста, зашто со тоа внесуваме неизвесност во иднината. Идеалите на илинденците и на сите коишто се бореа за слобода на Македонија – треба да се и наши!
Учејќи се од искуството на минатото, да се чуваме од лоши совети, од лажни пријателства, од суетни пофалби, од празни ветувања и, особено, од националното и духовно неединство.
И, да не го заборавиме најважното – дека единственото вистинско богатство е непресушната благодат на Царството Божјо, дека единствената вистинска слобода е слободата во Светиот Дух, дека единствената вистинска правдина е правдата Божја, дека единствената вистинска љубов е безграничната љубов на Бога Отецот и дека единствената вистинска победа е извојувана еднаш засекогаш на крстот Христов.
Нека ни е честит Илинден, на сите во Татковината, како и на вас раселените Македонци по светот, и нека им е вечен споменот на сите коишто се бореа за духовна и за народна слобода на Македонија! Амин!
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
†СТЕФАН
Заедно со членовите на
Светиот архиерејски синод на
Македонската православна црква
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и администратор Австралиско – новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски и администратор Австралиско – сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско – гостиварски
† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско – осоговски
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски
† ЈАКОВ, Епископ Стобиски