Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија на Плаошник во Охрид (09.08.2019 12:02)

Клименте славни, твоите добри нозе ги насочи по патот Божји,

затоа од заблуда народите ги упати во вистинската вера,

избавувајќи ги од прелеста на лажливата земја.

(песна од Канонот на Утрена на свети Климент Охридски)

 

По повод празникот на свети Климент Охридски, на светите Седмочисленици и на светиот великомаченик Пантелејмон во Светиклиментовиот манастир на Плаошник, во Охрид, беше отслужена Света Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Ефтим Бетински, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Александар Димоски, и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Пимен се обрати кон верниот народ со следната беседа:

 

 

БИДЕТЕ СВЕТИ, ЗАТОА ШТО СУМ СВЕТ ЈАС, ГОСПОД, ВАШИОТ БОГ

(3 Мој. 19, 2)

 

Колку ли мудра заповед или совет од Бога, нашиот Создател, упатена до неговите созданија, пророци, апостоли, маченици и ученици, ќе рече некој, и ќе жали што не бил современик на Мојсеја за да ја чуе лично оваа заповед од неговата уста. Друг, пак, ќе се посомнева дали уште треба да важи оваа заповед за нас, правдајќи се со невозможноста во овој современ свет да се исполни. Трет ќе рече: остави тоа, тоа е само за избраните.

И чие размислување тука држи вода?

Та сите ли што ја чуја заповедта станаа свети? Нели дел од оние што со свои уши ја чуја заповедта се дигнаа и против Бога и направија златно теле, и се оддалечија од Него, и нели едни Го слушаа и Го гледаа Христа Бога Спасителот, а потоа повикаа „Распни го, распни го“. Нели и Јуда беше еден од оние дванаесеттемина што постојано беа со Христа и што ги чуја сите спасителни зборови на својот Учител?

Оние, пак, што се сомневаат дека тоа важело некогаш, но не и денес, нека се сетат дека секое време давало свои светители. Не со глумење на подвигот на другиот, туку секој умножувајќи го талентот нему даден од Бога. Следејќи ги зборовите од Бога да бидат свети, но и да го следат Патот, Вистината и Животот, кои се, пак, Вистинскиот Христос. И затоа имаме пророци, и апостоли, и маченици, и подвижници, и светители, и просветители... Секое време и секој народ имаат свој предизвик, а една и иста заповед. И кој ја слушал заповедта, тој станувал свет, без разлика на векот во којшто живеел.

А заповедта била само за избраните или за секој што ја чул и ја спровел во сопствениот живот?

Еве, токму денес и токму тука си спомнуваме за светителот што ги обединува сите одговори во својата личност.

Денес, кога си спомнуваме за светиот Климент, кога си спомнуваме за незалезното светило од Плаошник и кога си спомнуваме за сиот негов живот, за неговата послушност од мали нозе да Му служи на Бога, да ги слуша божествените проповеди на своите божествени учители Кирил и Методиј, да тргне со нив до Рим и да ја брани оправданоста Божјото слово да се проповеда на секој разбирлив јазик, а не само на трите јазици што ги сметале за од Бога избрани, кој го ширел Словото Божјо на црковнословенски јазик во Истра и Моравија, кој по послушанието да го води своето стадо кон спасение и Царството Небесно се вратил во родните краеви во Охрид, Кутмичевица и Македонија, кој не само што го просветил своето стадо од епископскиот трон, туку и го описменил и му ја оплеменил душата, го научил и да ги оплеменува овошките за не само да може да ја нахрани својата душа со богословието, ами и своите тела со произведената храна, кој бил отворен до својот смртен час да го ислуша секој човек со неговите проблеми, да му даде одговор и да му ја смири душата, и на крај, да ја положи душата своја за овците свои како добар пастир на словесното стадо – лесно ќе увидиме дека и покрај тоа што не ја чул директно од Мојсеја или, пак, од Христа заповедта за светост, и покрај тоа што живеел во век со предизвици различни од тие од првиот век, и покрај тоа што не бил од небо паднат, туку роден на земјата, како секој од нас ја здобил светоста и денес се моли за нас на Небесата пред престолот на нашиот Бог Света Троица.

И сега, кога си спомнавме за сите негови подвизи и добродетели, за умножувањето на неговите таленти од Бога дарувани и за неговото спроведување на овој секогаш актуелен од Бога и Христов повик на светост и потврдата на неговата светост на земјата и на Небесата, ќе останеме сè уште во борба со помислите околу горенаведените три прашања или, пак, ќе повикаме кон нашиот свети Климент, Охридскиот Чудотворец, да се моли за нас пред Бога Живиот да нè укрепи во нашиот личен подвиг на исполнување на заповедта за светост, та еден ден да застанеме и ние рамо до рамо со него пред престолот на Бога Света Троица?

Свети Клименте, не престанувај никогаш да нè укрепуваш молитвено во подвигот.

Амин и за многу, многу години, верен народе на Македонската Света Православна Црква.

 

9 август 2019 г.
св. Климент Охридски Чудотворец
ман. „Св. Климент и св. вмч. Пантелејмон“, Плаошник, Охрид