Голема вечерна и промоција на книгата со проповеди (05.10.2019 17:53)
По повод чествувањето на празникот Собор на сите македонски светители, кој инаку, секогаш се празнува во првата недела на октомври, Македонската православна црква го започна со низа свечености. Најпрво, во саботата на 5 октомври, во новоизградениот храм „Раѓање на св. Јован Крстител“, во населбата Бутел, беше отслужена Голема вечерна на која, во присуство на Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски и Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел и свештенослужители од Скопската епархија. Храмот, кој следниот ден беше осветен од архиереите на МПЦ, е изграден со донација на средства од господинот Мите Јованов и неговото семејство.
Потоа, по завршувањето на богослужбата, архиереите, свештениците и верниците се упатија во амфитеатарот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде беше промовирана книгата со проповеди „Слова за Словото“ (1 и 2), од авторот, Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, а во издание на книгоиздателството „Матица македонска“. „Слова за Словото“, всушност, претставува еден собир на мисли и размисли, на расудувања и поуки, на факти и информации, на пофалби и критики. Но, најмногу од сѐ – на слова, на зборови за Словото, за Господ Исус Христос. Слова за верата, за Црквата, за свештената и националната историја.... Овој труд е резултат на свештеното секојдневие на Неговото блаженство, дело на неговото архипастирско дело во изминатите 20 години како Поглавар на нашата света Македонска православна црква – Охридска Архиепископија и низ 33-те години како архиереј во епархиите во Македонија и дијаспората.
Промотори на изданието беа академик Витомир Митевски и проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот богословски факултет.
Авторот, Архиепископот Стефан, кој во своето дело помести повеќе од 160 наслови на проповеди, интервјуа, поуки по разни поводи и на разни места, во своето обраќање, меѓу другото, рече:
„Инаку, словата што следат во оваа книга, и во сите потоа, кои веројатно ќе бидат собрани во пет тома, од изборот и востоличувањето на 9 и 10 октомври 1999 година па наваму, сум ги држел по разни поводи и на разни места во епархиите на нашата Света Црква, и тоа: во Охрид и Скопје, во Штип и Битола, во Велес и Струмица, во Куманово и Тетово, и во многу други места низ татковината, како и низ нашите црковни општини во Европа, Соединетите Американски Држави, Канада па сѐ до Австралија. Секако, се предвидува да биде опфатен и митрополитскиот период, па некои слова од тоа време ќе бидат поместени во петтата книга.
Верувам, милост Божја беше што дочекавме во овој период да се случат историски и важни настани: да се возобнови Светиклиментовиот манастир на Плаошник; да се преосветат Соборниот храм „Света Софија“ и „Свети Наум“ во Охрид; да заблескаат во ново руво и Бигорски и Света Пречиста, и Лесновскиот и Осоговскиот, како и манастирите во Нерези и Слепче, Марковиот и Полошкиот; да воскресне монаштвото и во Велјуса и во Водоча, и во Бигорски и во Лесновски, и во Матка и во Зрзе, и во Варош и во Љубанци, и во Рајчица и во Марков, и во Журче и во Нерези, и во други наши манастири. И навистина, Му благодарам на Бога што ни даде да доживееме и што живееме период со многу настани и случувања, време преполно со многу предизвици и искушенија. Се удостоивме, во наше време, да одбележиме две илјади години на христијанството, и дваесет столетија на христијанството во Македонија, илјада и седумстотини години од Миланскиот едикт, илјада години од основањето на Охридската Архиепископија, и педесет години од нејзиното возобновување како Македонска Православна Црква, како и други годишнини и јубилеи. Сите тие настани беа богоугоден и благословен повод да се говори, да се забележи и да остане како сведоштво дека било.
По милоста Божја ми се даде можност да го проповедам словото[1] и Му благодарам на Бога ако некого поучив, придобив и утврдив во верата. Секогаш и насекаде се трудев да бидам разбирлив во доближувањето на Бога и во објаснувањето на поводот и настанот, и тоа по примерот на светиот апостол Павле, не за да бидам убедлив со мудри зборови, туку во пројава на Духот и силата[2]“.
извор: Скопска епархија
[1] Сп. 2 Тим. 4, 2.
[2] Сп. 1 Кор. 2, 4.