Свети великомаченик Димитриј – Света Архиерејска Литургија во Битола (08.11.2019 11:27)
На 8 ноември 2019 година, кога го празнуваме споменот на светиот великомаченик Димитриј, преподобниот Димитриј Басарабов, преподобниот маченик Јоасаф и споменот на големиот земјотрес, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Епископот Хераклејски г. Климент, протоереј ставрофорот Никола Грамбозов, игуменот Агатон, протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и Стеван Здравески, протоѓаконите Антонио Дујовски, Драган Георгиевски и ѓаконите Ѓорѓи Делев и Златко Крстевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По завршувањето на Божествената Литургија, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, кон верниот народ се обрати со следната беседа.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Возљубени во Господа,
Големината на личноста и делото на светиот великомаченик Димитриј е позната насекаде меѓу православните народи. Неговото маченичко сведоштво за вистината на христијанската вера, еве е почитувано и во Битола и по сета наша земја.
Нашиот православен народ знае да ги почитува светиите и да живее во верата посведочена од нив. Оти, што би биле ние како народ без светиите, без Божјите угодници, без тие прекрасни сведоци за спасоносната вистина и убавината на нашата православна вера? Светителите се „солта на земјата“ (Мат. 5, 13) и „светлината на светот“ (Мат. 5, 14). Оттаму, секојдневно, споменувајќи си за некој од многубројните светии прославени од Црквата, ние не извршуваме само меморијално спомнување за нив, туку и исповедаме дека нивните животни патишта, нивната вера и саможртвена љубов се достојни да бидат подражавани од сите нас. Таа наша љубов кон светителите ја изразуваме за тоа што тие навистина ги слушнале и разбрале евангелските зборови кога Христос вели: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мат. 5, 48). Исто така, го слушнале и го оствариле советот на светиот апостол Петар, кој на сите ни се обраќа велејќи ни: „По примерот на Светиот, кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки“ (1. Птр. 1, 15).
Така, катадневно во нашите храмови и манастири, прославувајќи нечиј спомен, ние покажуваме дека нашата христијанска вера е вера на живи! Пред Бога нема умрен, туку сите се живи. Нашиот Бог е токму тоа, и токму таков – Бог на живите, и жив Бог! Впрочем, обично, во православната Црква го празнуваме токму денот кога светителот се упокоил, со што упатуваме јасна порака од чествувањето на празниците – дека пред Бога нема мртви, туку на денот на упокојувањето преминуваме во вечно живеење со Бога, зашто светителите се најголема потврда. Целата историја е историја на живи, од Адама па сѐ до денес! Па кој ќе ги знаеше старозаветните пророци и праведници, кој ќе ги запаметеше новозаветните богоугодници, ако истите не продолжеа да живеат во небесната Црква и во споменот на нивните следбеници на земјата? Но нив ги помниме, и нивното застапништво го просиме, зашто живее споменот на живите во Бога! Свети Димитрија е жив сведок за тоа веќе цели седумнаесет столетија! Како да било вчера, како да било денес, а еве поминаа илјада седумстотини и тринаесет години од денот на неговото мачеништво.
Сѐ што се случува во Црквата е поврзано со името на нејзиниот основач, Спасителот Господ Исус Христос. И ова денешно празнување, и сите празнувања, сите страдања, трпенија и мачеништва, сѐ што поднеле следбениците на Христа, како и сета радост на нашата вера, на празниците и сета радост во Црквата – сѐ е заради Христа!
Сме се прашале ли која е силата со која Христос, еве веќе дваесет столетија „врзува“, односно привлекува околу Себе поединци и цели народи? Таа сила е Неговата проповед, Неговото слово, коешто во сета историја по Него остава длабоки траги во душите на Неговите следбеници.
Тоа Негово слово, такво било кога го говорел, такво било во сите времиња, такво е и денес, во својата возвишеност и Божествена мудрост. Секако, најсилен и незамолчив сведок на Христа биле и Неговите дела, сведоштвото на Неговата Божествена сила, сведоштво што продолжува да трае, еве и до наше време, и ќе трае довека.
Возљубени во Господа,
Она што е особено значјно, е тоа што Христовата вистина продолжи да се потврдува и по Неговото заминување од земјата. Апостолите, Неговите ученици, бидејќи од почетокот биле со Него (види: Јован 15, 27), можеле да бидат и први сведоци (види: Лука 24, 48), пред сите народи, и по целиот свет (види: Марко 16, 15). Тие, откако Го примиле Светиот Дух, со своето слово, со својата проповед останале сведоци за распнатиот Спасител; тие сведочеле и со својот живот и со својот подвиг за Христа.
Многумина меѓу апостолите пострадале, и со маченичка смрт ја посведочиле својата вера во Христа воскреснатиот. А мачениците се најголемите сведоци за Христа! Впрочем, зборот маченик во буквална смисла значи сведок. Црквата Христова, всушност, е потпора врз сведоштвото, врз страдањата на мачениците. Од страдањето (односно: сведочењето) на првиот маченик, архиѓаконот Стефан, до страдањето на Христа и во наши дни, се надградува вистината за Христа. Нема поголемо сведоштво за припадноста кон нешто од подготвеноста за него да се даде и својот живот.
Светиот великомаченик Димитриј, чии спомен го прославуваме денес, во далечната триста и шеста година, посведочил за вистината, по примерот на безброј маченици и пред и по него, со најсилниот документ – со својот живот!
Но, големината на мачениците, големината на сите сведоци за Христа, е тоа што нивното сведоштво се потврдува постојано, постојано се наголемува, и трае вечно. Па чиј спомен може да се мери со споменот на оние чии имиња се испишани на небесата? Тоа говори дека сведочењето на мачениците за Христа постојано живее во Црквата Христова, живее во животот на верните чеда, живее во сведоштвото на почитувачите на подвигот и страдањата на мачениците.
Возљубени чеда во Господа,
И ние, кои го носиме името христијани, кои живееме со верата на мачениците – сме сведоци за Христа. Некои, можеби, со право, ќе се запрашаат – па како можеме ние денес да сведочиме, и како можеме, воопшто, да бидеме сведоци Христови? Можеме! Можеме и треба да бидеме сведоци за Христа. Но, ова наше време не бара да бидеме маченици, не бара да ги положиме своите животи за да сведочиме! Не! Ова наше време бара најмалку што може да се побара. Имено, тоа од нас бара само да живееме со сведоштвото на мачениците, само да ја знаеме нашата вера и да живееме според неа, да живееме според православните начела и верата на моралот, да живееме според евангелските заповеди, и да Го следиме Христа! Сите ние сме повикани за да го оправдаме нашето припаѓање на Христа, зашто како што вели свети апостол Павле, ние сме „Христово писмо… напишано не со мастило, туку со духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку на човечки срца“ (2. Кор. 3, 3).
Според тоа, и ние, како христијани, сме повикани денес да бидеме сведоци Христови, во ова наше столетие. Нам, како ретко кога низ историјата ни се дава можност слободно да сведочиме и да го сееме словото на вистината. А полето за вистинско христијанско сведоштво и христијанска мисија е исклучително широко. Зашто, за жал, одамна Христос не бил толку далеку од секого од нас како денес, одамна не бил толку далеку од нашите домови, од нашите училишта; одамна не сме имале толкумина што имаат потреба од помош за храна и за облека; одамна не сме имале толку насушна потреба од добар збор, како во нашите домови така и помеѓу соседите, на работните места и насекаде; одамна не сме биле толку свртени едни против други, за жал и во Црквата и во политиката, и во сите пори од нашето живеење како народ, и овде и насекаде до каде што нѐ има. Затоа, постојано да Му се молиме на Господа да ни биде напомош, за да станеме вистински сведоци на доброто, вистински миротворци и добротворци. Да Му се молиме на Господа да ни помага за да ги најдеме вистинските патишта што ќе нѐ доведат да спознавање на Неговата вистина, која ќе нѐ ослободи од товарот на времето, па така да се удостоиме да останеме учесници во радоста на светиите и на сите што се радуваат за Неговото неразрушливо сведоштво.
Светиот Димитриј, великиот сведок и маченик за вистината, нека ни помогне на сите, да станеме и да останеме целосно оддадени на нашата Света Црква, и да го помагаме нивното свето дело, и овде и насекаде! Амин!