Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Климент Охридски“, Скопје (08.12.2019 11:43)

Денес, на празникот на свети Климент Охридски, заштитникот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, во соборниот храм посветен на свети Климент Охридски, во Скопје, Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф и викарниот Епископ Стобиски г. Јаков, отслужи Архиерејска Божествена Литургија, во присуство на многуброен верен народ, меѓу кои и претставници на државни институции.  На Литургијата во ѓаконски чин беше ракоположен г. Благоја Ристески, досегашен псалт при соборната црква.

 

 

    

                               

   

 

Добриот пастир[1]

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Јас сум добриот пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците.
Јас сум добриот пастир: и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене“

(Јован 10,11-14)

 

Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства, Ваше преосвештенство, почитувани преставници од државните институции, драги браќа и сестри,

 

                        Стоејќи пред сите Вас, во овој велелепен храм и гледајќи во свештениот соборот на архиереите, свештенството и верниот народ, кои собрани заедно на ова соборно заедничарење го сведочиме единството на љубовта, каде во полнота се гледа плодот на животното дело на светиот Климент, Охридскиот чудотворец,  со благослов на Светиклиментовиот наследник[2], оваа година мене ми се даде одговорна задача да словам за нашиот „добар пастир“[3] и свет учител, за Климент – сечесниот ученик на рамноапостолните браќа, светите Кирил и Методиј, за оној кој со својот живот и според своето име[4] изникна како вистинска лоза од Бога обработена[5], како ластар на Вистинската лозница[6] преку кој на созданието му се даде богоспознатлив нектар. За тој Божји ластар, многумина пред мене од овој амвон беседеле доста, но сите ние сме немоќни со зборови потполно да го искажеме сето она што тој христословесен архиереј со својата светлозрачна и боговдахновена личност го направил за време на својот свет живот. Инспириран од житијните и химнографските текстови напишани за него, како и од неговите слова, сум радосен што и јас можам за време на ова литургиско чинодејствие накратко да глаголам за нашиот патрон и чувар на нашата Помесна Македонска православна црква и држава, за нашиот закрилник, покровител и застапник пред Севишниот Бог.

                        Според неговите биографи, блажените Охридски архиепископи Теофилакт и Хоматијан, нашиот Климент уште од „мајчината утроба слично на старозаветниот пророк Самоил бил избран да Му послужи на Бога“[7]. Воспитан во божествениот закон уште од своето детство станал ученик и сопатник на светите солунски браќа. Следејќи ги нивните стапките за време на мисиите – израснал како најубава фиданка од здравиот корен Христов. Прославен со различни Божји дарови, во Рим го примил свештеномонашкиот чин. По смртта на своите учители, Божјата промисла како некогаш Павле го донела свети Климент некаде околу 886 година на нашите македонски простори, поточно во областа Кутмичевица, каде најпрво како учител во својот манастир на Плаошник ја основал Охридската книжевна школа, продолжувајќи го на тој начин Кирилометодиевото дело. Неговата мисија не била насочена само кон проповедање и ширење на христијанството, туку и кон создавање на  социјален и културен растеж на своите следбеници. Веќе во 893 година мудриот Климент постанал епископ на Дремвицко-величката епархија, а за учител на негово место бил поставен светиот Наум. Што се однесува за неговото епископство – слободно може да се каже дека тој бил епископ раководен од духот на евангелската љубов и ревност за Божјата вистина и како таков целосно му се посветил на својот народ и епархија. Достигнувајќи длабока старост и измачен од животните бури, во 916 година се упокоил мирно во Господа на Плаошник, каде до ден-денес почиваат неговите свети мошти, кои ја облаготворуваат секоја човечка душа.

Почитувани,

                        Денес торжествено прославувајќи го чудесниот Климента, кој од Бога ја прими светителската одежда, би останал недоречен доколку не споменам уште збор два за неговото епохално дело, кое несомнено го прави  зачетник и „архиепископ“ на православниот македонски културен идентитет и основоположник на славната Охридска архиепископија. Свети Климент, мили мои, пред сè бил пастир, душегрижник, просветител, богослов и како таков постанал еден од столбовите на Христовата Црква помеѓу словенскиот род. Преку целиот свој живот, станувајќи за „сите сè“[8] се трудел да го просветли верниот народ за да го натера да излезе од површноста во христијанскиот живот и активно да се вклучи во светотаински живот во Црквата, односно во Светата литургија. Во својот универзитет, во црквите и манастирите ширум својата епархија, преку проповедта успеал да го всади кај своите духовни чеда вистинското христијанство и истите морално да ги преобрази. Затоа, во неговите слова често ги среќаваме зборовите: „Браќа да не бидеме само христијани по име, туку и по живот“. Во мисионерско-просветителската дејност се покажал како неуморлив архиереј, подвижник и педагог. Поучен од Павловите зборови „кој не сака да работи – нека не ни јаде“[9] и знаејќи дека неработењето е учител на секое зло[10], свети Климент „не им давал ни сон на очите свои, ни дремка на веѓите свои“, туку целосно посветен во служба на Бога го описменувал својот народ, утврдувајќи го во Православието. Поради сето тоа богомудриот Климент е почитуван како „втор Павле“, и затоа и денес после 1103 години од неговото упокоение останува длабоко врежан во сеќавањето на нашиот народ, во нашата црковно-државна меморија. Ете, оттогаш, па сè до денес минуваат векови и години, изминуваат генерации, но секоја генерација неизбежно се сеќава и го прославува ликот на охридскиот архипастир, кој засекогаш бил, е и ќе биде незаменлив пример за сите нас.

Возљубени,

            Тој охридски архипастир е нашиот добар пастир и тоа: „свет, незлоблив, непорочен, одвоен од грешниците и повисок од небесата“[11]. Во овој благословен период на постот пред Христовото рождество, имајќи го неговиот спомен во нашите денешни сеќавања, би било добро да се потсетиме и поучиме од неговите зборови. Во едно свое слово, овој велик пастир, вели: „Браќа, да не бидеме мрзливи, и ние, кога имаме таков милостив Господ, туку да отфрлиме од себе секаква злоба, завист, клевета, срамни дела и недолични постапки, и со чиста совест да дојдеме во Божјата Црква и, со страв стоејќи во неа, да бараме прошка на гревовите и вечен живот, за да бидеме достојни да пристапиме кон пречистите тајни на телото и крвта Христови. Зашто тоа дело Божјо[12] нѐ прави достојни заедничари на Царството небесно“. Колку прекрасни зборови и совети ни искажал нашиот денешен славеник. Длабоко суштествени слова за напредок на секој христијанин, во сите времиња. Но, откако ги слушнавме Светиклиментовите поуки, искрено да се запрашаме, колку  ние Македонците денес во ова тешко време - невреме сме свесни за големината на нашиот добар пастир Климент и колку ги практикуваме неговите духовни совети во нашиот живот? – Да бидеме искрени и да признаеме дека по налетот на новите светски „вредности“ за жал како да ги забораваме и како да се одалечуваме од вистинските морално-етички вредности  и добродетели предадени од страна на светиот Климент. Како резултат на тоа оддалечување од вистинскиот идентитетски пат трасиран од нашите предходници, од својата вера, култура и традиција пред сите нас се појавува збунетост и апатија. Таква незаинтересираност, безволие, рамнодушност и очајание денес гледам во очите на многу наши млади души, во очите на нивните родители, па дури и кај нашата највозрасна популација. Нивниот поглед кон иднината без Бога, без Кого не можеме да направиме ништо, секако дека не носи никаква сигурност. Затоа, почнувајќи од овој голем ден, мораме како што слови божествениот маж Климент да започнеме „да се надминуваме еден со друг со добрина“, да се помириме и да си помагаме едни со други, за да ги вратиме скромноста и надежта како морални особини кои ја красеа низ вековите душата македонска. И така сплотени едни со други, да го следиме и практикуваме примерот на нашиот учител Климент, така што секој од нас неуморно и максимално со своите психофизички сили трудољубиво би се вложил во духовниот, културниот и просветниот напредок на нашата прекрасна земја, бидејќи од вистинскиот заеднички успех единствено нè дели многу работа и поголема меѓусебна доверба.

Драги браќа и сестри,

                        Како Светиклиментови наследници и негови ученици и чеда треба да знаеме дека „нема ученик поголем од својот учител, но секој, што ќе се усоврши ќе биде како и учителот негов“[13]. Затоа, сеќавајќи сè на нашиот „наставник што ни го проповедаше словото Божјо[14],  дните на овој пост да ги искористиме за наш духовен препород, морално-етичка обнова и усовршување во верата по примерот на светиот Климент – за да можеме да се наречеме негови ученици. И на крај од ова мое скромно слово, имајќи го преблажениот Климент како пример за следење и „подржувајќи ја неговата вера“ да го прославиме Троичниот Бог: Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому Му прилега секаква слава, чест и поклонение постојано, сега и секогаш и во сите векови! Амин.

                        Нека е за многу години празникот на црковно-државниот патрон – свети Климент!


г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

 



[1] Пригодно слово изговорено на литургија во Соборниот архиепископски  храм „Свети Климент Охридски“ – Скопје, на 08.12.2019 (Светиот свештеномаченик Климент, епископ Римски; Светиот свештеномаченик Петар, архиепископ Александриски; Преподобен Пафнутиј и свети Климент архиепископ Охридски).

[2] Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан

[3] Јован 10,11

[4] Името на свети Климент – доаѓа од грчкиот збор κλήμα  што во превод на македонски гласи лозова прачка или ластар

[5] Од стихира од Големата вечерна – служба на свети Климент

[6] сп. Јован 15,2

[7] Извадок од Краткото житие на свети Климент

[8] сп. 1 Кор. 9, 19-22

[9] 2 Сол. 3,10

[10] Сп. Мудр. Сирах. 33,28

[11] Евр. 7,26

[12] Светата Причест

[13] Лука 6,40

[14] сп. Евр. 13,7


Извор: Скопска епархија