Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Промоција на книгата со проповеди „Слова за Словото“ од Архиепископот г.г. Стефан (24.12.2019 12:58)

На 24.12.2019 година, во аудиториумот на Музејот на македонската борба се одржа промоција на книгата - проповеди „Слова за Словото“ 3, 4 и 5 том од Неговото блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, чиј издавач е Скопската православна епархија. На промоцијата присуствуваа архиереи, академици, ректори, професори и студенти како и претставници на верски комисии и претставници на јавниот и бизнис сектор. И овој т.н. втор дел од петтомната едиција на ова капитално дело е репрезент на современото македонско проповедништво и резултат на свештеното секојдневие на Неговото блаженство, на неговото архипастирско делување во изминатите 20 години како Поглавар на нашата света Македонска православна црква - Охридска Архиепископија и низ 33-те години како архиереј во епархиите во Македонија и дијаспората.

Промотори на изданието беа академик Катица Ќулавкова и епископот Хераклејски г. Климент.

Академик Ќулавкова во нејзиното излагање потенцираше дека беседничката дејност на Архиепископот Стефан е значајна во онаа мера во коешто е значајно негувањето на православната христијанска мисла и дело во современа Македонија. Словата во овие три тома, рече Ќулавкова, говорени од 2009 до 2019, се вдахновени и имаат возвишена интонација, а јазикот во нив е милозвучен и словесен.

„Ова дело е изнедрено од неговиот живот во служба на Бога и во служба на луѓето. Тоа е плод на радостите, на тагите, на предизвиците со коишто се соочува нашата Црква, а неговите слова, каде и да се искажани, се во нераскинлива врска со неа. Тие не се само производ на ерудицијата и интелектот на Архиепископот, што тој изобилно ги поседува, туку, пред сè, се израз на неговата жива вера и на неговата плодоносна љубов кон Бога, кон Богородица, кон светителите и кон народот Божји, кој му е даруван одовде да го води кон есхатонот, во лоното на Света Троица...

...Неговиот говор објавен во овие дела, не е класичен реторички образец на умеењето да се беседи, туку претставува личен ракопис на неговото смирено сведоштво на вистината во која тој верува, а тоа е онаа Воплотена, Распната, но и Воскресната Вистина – Христос ...

...Втемелен во светото Писмо и светото предание, во проживеаното искуство на светите отци, Архиепископот Стефан сам си ја гради својата мисла и тивко и достоинствено го произнесува своето слово. Неговите беседи се актуелни и свежи, проткаени со една динамична отвореност за другиот и различниот. Неговото слово не е затворен монолог, туку буди отворен дијалог со нашиот внатрешен свет и ја поттикнува поетиката на покајанието во нас. На литургиите, кога од амвонот говори кон народот, кај присутните предизвикува будност и внимателност за да се чуе неговата беседа и да се открие неговата порака“ истакна на промоцијата епископот Климент.

 

    

    

                                            

 

Извор: Скопска епархија