Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Сочувство (04.04.2005)

ДО

СВЕТАТА СТОЛИЦА

В А Т И К А Н

 

 

Ние, Архиепископот Охридски и Македонски, заедно со архиереите, членови на Светиот Архиерејски Синод, свештенослужителите, монаштвото и верниците на Македонската Православна Црква, упокоениот папа Јован Павле II ќе го запаметиме како поглавар на Римокатолич­ката црква којшто нескриено ја покажуваше својата љубов и почит и кон нашата Света Православна Црква и кон нејзиниот автокефален статус, кон македонската држава и нејзиното уставно име, Република Македонија, и кон македонскиот народ и неговата историја, јазик и култура.

Врската што ја поставија рамноапостолните браќа светите Кирил и Методиј со Рим и тогашното одобрување на нивната мисија со благословувањето и на старо­маке­донски словенски јазик, на којшто беше преведена Библијата и богослужбените книги, како и одржаните богослужби на тој јазик во римските катедрали, значеше почеток на вековната врска меѓу Рим и Црквите, народите и земјите со словенски јазик и култура. Таа врска што ја поставија светите Кирил и Методиј беше запечатена и со блаженото успение на свети Кирил во Рим и со неговиот гроб таму. По десет века таа врска, на свој начин, беше возобновена со доаѓањето на папата Јован Павле II како прв поглавар на Римокатоличката црква од словенски род.

Времето на неговото раководење со Римокатоличката црква ќе остане запа­метено по развивањето на вонредни односи меѓу Ватикан и Македонската Право­славна Црква. Во тој период, катагодина, Македонската Православна Црква испраќаше своја делегација во Рим по повод одбележувањето на празникот на Светите Кирил и Методиј, а притоа задолжително беа остварувани средби и со Неговата Светост, папата Јован Павле II, кои значеа унапредување на добрите односи.

Значајна беше улогата и придонесот на покојниот папа и во другите конкретни примери на соработка, каква што е помошта во подго­товката на високообразовани кадри за нашата Црква, а со тоа се придонесуваше и за афирмација на Маке­донската Православна Црква. Сето ова го нагласуваме разбирајќи го како дел од неговата големина како личност и архипастир. Тој беше исполнет со евангелска љубов кон сите и ќе остане запаметен по неговата активност за подобрување на односите помеѓу Римокатолицизмот и Православието. Таа потребност на нашево време значи и почеток на вистинската љубов во Христа, а со тоа и придонес во развивањето на љубовта кон сите луѓе, како чеда Божји - на љубовта со која Бог ги сака луѓето. Ако се научиме на таква љубов и ако Го послушаме Бога, тогаш и ние ќе придонесуваме во продол­жување на делото на кое му ги посвети својот живот и својата дејност упокоениот папа Јован Павле II.

Бог да го прости и нека му е вечен споменот.

 

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ  

г.г. Стефан