Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Слово на Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан на промоцијата на книгата „Слова за Словото“ (24.12.2019 17:52)

При промоцијата на првите две, најавив уште три книги. И еве, со Божја помош и со ангажирањето на вредните соработници, се комплетираа предвидените Слова. Со нив, со Словата, покрај молитвеното одбележување, го заокружив чествувањето на моиве 20 години од изборот за Поглавар и 33 години од ракополагањето за епископ.

Овие посебни книги што денес ги промовиравме, содржат избор од словата изговорени во разни периоди, и тоа: од 2009 - 2014 година во 3. книга, од 2014 - 2019 во 4, книга и од 1986 - 1999 година, слова од митрополитскиот период, во 5. книга.

И во овие три книги, покрај словата говорени по различни поводи речиси во сите епархии и институции на нашата МПЦ, поместени се и неколку интервјуа, експозеа, промоции и еден патепис.

 

Возљубени,

Најтешко е човек да си биде судија сам на себе, но сепак ќе речам дека словата се пишувани на јазик и со стил разбирлив за присутните. Нека ми биде и како исповед - секогаш, насекаде и за сѐ, сум се трудел на секоја тема, за секој повод или настан да објаснувам или опишувам со кратки, приемливи и сфатливи зборови за секого. Тоа сум го имал предвид за секое слово, зашто никаде и никогаш не ќе најдеме слушатели од иста возраст или слично образование, ниту на исто ниво во познавањето на верата и учењето на Црквата. Затоа, од секој говорник на амвонот се бара потребна внимателност и прилагодување на она што го говори со оние на кои им говори.

Исто така, секогаш, насекаде и пред секого сум ја имал предвид онаа старозаветна порака дека тешко ќе им биде на пастирите коишто самите се пасат[1], односно говорат сами за себе. Но, доколку се подготвиме за празникот, ако го доживееме настанот, ако се восхитиме на она со што личноста го заслужила чествувањето, словото ќе биде разбрано и запаметено.

Секоја света богослужба е нецелосна доколку на неа не се протолкува прочитаното свето Евангелие, не се објасни празникот, светителот, настанот или тоа што Црквата го чествува. Јавниот збор и проповедта биле и остануваат најмоќните и најзначајните средства во мисијата на Црквата, во ширењето и утврдувањето на евангелските пораки и поуки.

Господ Исус Христос, Својата спасителна мисија ја започнал со словото на Генисаретското Езеро и на Гората; апостолот Петар со одржаното слово на денот Педесетница, придобил илјадници души за Христа; апостолот Павле, со словото на Ареопагот го претставил „непознатиот Бог“, а на Римјаните им објаснил дека верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката од Божјото слово[2]; отците на 6. Вселенски собор препорачале со слова да се поучува секој ден, а особено во деновите Господови[3].

            Секое слово, секоја проповед, во Црквата треба да е поучна и евангелска. Господ Исус Христос бил и останува средиште во црковната проповед. Токму нему, на Словото, Му се посветени сите слова во моиве пет книги - „Слова за Словото“. И Нему, на Словото, сум Му најпрвин благодарен за силите со кои ме дарувал да ги исловам сите овие објавени слова. Му благодарам на Бога што на нашата света Македонска Црква во овие години ѝ даруваше изобилни поводи, настани, годишници и јубилеи, со што ми се даде можност и за славење и за словење.

            И при оваа прилика, им благодарам на сите што помогнаа и да се отпечатат овие слова: на моите соработници, на вработените во печатницата МАР-САЖ и, секако, на промоторите за нивните прекрасни беседи. Ви благодарам на сите што дојдовте и денот ми го направивте - празник.

            Се молам Господ, Дарителот на сѐ, да ми дарува и време и сили за да ги подготвам и празничните слова.

            Ви благодарам.

 



[1] Сп. Ез. 34, 2-10

[2] Рим. 10, 17

[3] 10 правило