Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Света Архиерејска Литургија во Бигорскиот манастир (20.02.2020 12:17)

Твоето стадо, Партение, си го поросувал со водата на посинувањето,

измивајќи ја скверната на безбожието со твоите учења,

и просветлувајќи со светлината на благодатта.

(Песна од канонот на Утрена на преп. Партениј)

 

На 20 февруари 2020 година, на празникот на преподобниот Партениј Лампсакиски, а по повод именденот на архимандритот Партениј, игумен на Бигорската обител, во манастирот беше отслужена Света Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, викарниот Епископ Стобиски г. Јаков и архимандритот Партениј. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа:

 
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска од Светото Евангелие ги слушнавме зборовите на нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој вели: „Јас Сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците“ (Јн. 10, 11). Овие зборови Христос ги изговорил во продолжение на Својата беседа во која ги изобличува фарисеите, а во контекст на исцелението на слепородениот човек. Овде Господ им вели дека не гледаат иако имаат очи. Тука Господ преку алегорија сака да им каже дека тие не се вистински, туку замислени религиозни водачи на својот народ, бидејќи повеќе размислуваат за себе, отколку за вистинското раководење и водење на народот кој им е поверен. Тие не се вистински пастири, зашто не го водат народот кон спасение, туку кон пропаст.

Господ Христос Себе се претставува како овчар-вратар, земајќи пример од секојдневниот живот, од палестинските пастири, кои ги затворале своите овци во посебни трла, а пред нив поставувале чувари за да ги пазат од дивите животни. Во текот на денот, овчарите ги собирале своите овци и ги воделе на пасиште. Секој од нив ги познавал своите овци. Овде Христос Себе се поистоветува со пастир, но Тој е Пастир на словесното стадо. Добриот и вистински пастир се жртвува за своето стадо, како што и Христос го положи Својот живот за човечкиот род.

Во овој расказ трлото ја претставува старозаветната Црква, а овците се избраниот еврејски народ. Пастир, пак, е секој вистински раководител на религиозно-моралниот живот. Себеси Господ се нарекува врата и добар пастир, кој својот живот го полага за овците, бранејќи ги од волците. Се нарекува врата бидејќи Тој е единствениот вистински посредник помеѓу луѓето и Бога, единствен пат и за пастирите и за паствата, за царството Божјо, кое Он го основал. Во трлото не може да се влезе никако поинаку, освен преку Него. Оние што влегуваат на друг начин се крадци и разбојници. Тие не се вистински пастири, туку лажни, ги следат личните интереси и не се водени од спасението на нивната паства. Трлото, овде ја означува земната Црква, а „пасиште“ е небесната Црква. Под наемници овде треба да се разберат недостојните пастири, кои според зборовите на пророкот Езекиил се напасуваат „самите себе“ (Ез. 34, 3), а својата паства ја оставаат на милост и немилост. Под волци се подразбираат ѓаволот и неговите слуги, кои ги погубуваат овците.

Како главен критериум за препознавање на вистинскиот пастир, Господ го наведува самоодрекувањето до смртта за спасение на овците, како и познавањето на своите стада. Тоа најмногу се однесува на Него, бидејќи се вели: „Како Мене што Ме знае Отецот, така и јас Го знам Отецот; и душата Своја ја полагам за овците Свои“ (Јн. 10, 15). Преку овие зборови на Господа Христа, Светата Црква сите нас, клирици, нѐ опоменува за нашата должност кога го словиме словото Божјо и нè тера да се запрашаме: каква грижа ние посветуваме за нашата паства и за луѓето кои ни се поверени?

Свети Партениј Лампсакиски, чиј спомен денеска прославуваме, бил еден вистински ревносен проповедник на словото Божјо, кој во буквална смисла на зборот, може да се каже дека се трудел и се грижел за своето стадо, па така успешно ја извршувал својата архиерејска должност. Се вели дека кога дошол на својата катедра, во градот затекнал само неколкумина верници. Но, колку што верници наследил кога дошол на архиерејската катедра, само толку неверници оставил во епархијата кога ја напуштил. Да се угледаме на ревноста на овој Божји угодник, па и ние да се потрудиме со нашите сили. Да бидеме сигурни дека Божјата благодат нема да изостане за секоја ревносна задача и потфат на нивата Господова.

Ја користам оваа прилика, од името на браќата свештенослужители и од свое име, да му го честитам именденот на игуменот на оваа свештена обител – архимандритот Партениј, и да му посакам секое добро од милостивиот Бог, од патронот на овој свет манастир и од неговиот небесен покровител. Амин.

Митрополит Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски г. Тимотеј

 

                              

Извор: Дебарско-кичевска епархија