Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Света Архиерејска Литургија во Охрид (23.02.2020 12:36)

Откако се удостои со благодатта на свештенството, славен Харалампие,

светло си ја украсил Црквата со божественото страдање, што храбро си го примил

заради Христа радувајќи се, чесен светилнику на вселената,

кој, како непобедлив, ги озаруваш нејзините краишта.

(Kондак на Утрена на св. свешт-мч. Харалампиј)

 

На 23 февруари 2020 година, во Месопусната недела и на празникот на светиот свештеномаченик Харалампиј, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, во Охрид, беше отслужена Света Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф. По завршувањето на Литургијата, беше осветен новиот мед, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа:

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,

 

Уште во Стариот Завет псалмопејачот цар Давид вели: „Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите светии“ (Псал. 115, 6). Навистина, оној кого Бог ќе го прослави, го прославува за вечност, а вечноста ја носи Божјата Црква. Затоа овие зборови се вистински. Смртта на светиите е драгоцена, бидејќи е заради Бога, заради верата, заради проповедта на вистинските начела и на евангелските учења. Тоа е смрт заради небесните идеали, поради засведочената љубов кон луѓето. Затоа постои светла и драгоцена смрт, како и смрт обична, па дури и срамна. Има смрт која свети, која остава светлина на секого, која е пример за благочестивоста на Црквата и верните, и се помни во летописот на историјата. Таква е смртта на оние кои го напуштаат овдешниот живот со длабока вера и надеж во Бога, во чии раце го предаваат својот дух и оние што оставиле добри дела. Таквата смрт е драгоцена и во очите на луѓето, бидејќи тие ги ценат евангелските идеали и вистинските принципи на евангелското учење – верата и добродетелите, љубовта и христољубивата храброст. Но, има и смрт која не е мила ниту во очите на Бога, ниту во очите на луѓето. Постојат луѓе кои носат име дека се живи, а се мртви (Откр. 3, 1).

Светиите биле обдарени со Божја благодат поради нивниот свет живот. За нив смртта била завршеток на еден живот и почеток на друг, повозвишен, бидејќи тие уште овде на земјата се духовно издигнати. Светиите живеат со вера која ги издигнува до Бога и им ги отвора очите и срцата за да Го видат Бога. Светиите се блажени луѓе кои имале полн духовен живот и личеле на дрво насадено покрај вода, кое дава добар плод во своето време и чии лисја не опаѓаат (Псал. 1, 3).

Токму затоа, еден таков живот е драгоцен во нашите очи. Ние му се восхитуваме и срцата ни се издигнуваат со Божјото вдахновение. Разумот ни се просветлува со Неговата светлина и се радуваме на таквата благосостојба и убавина на животот. Да се сретне добар човек е радост, а да се сретне, пак, праведен и свет, тоа е најголема радост и чест. После средба со такви Божји избраници, срцата на луѓето се преобразуваат, се просветлуваат и стануваат порадосни и помудри.

Но, во очите на Господа, скап е и нашиот живот и животот на сите што искрено поверувале во Божјиот закон и кои живеат исправен евангелски живот. Зашто Бог толку го засака светот и ги зеде нашите немоќи и нашите гревови, и ги отплати со Својата скапоцена крв, за сите да бидеме спасени. Сонцето грее и за добрите и за лошите, и Бог праќа дожд и за грешните и за праведните (Мт. 5, 45).

Ние денеска прославуваме токму еден Божји угодник кој го отворил своето срце и својата душа и го примил словото Божјо, и живеел трудејќи се на нивата Божја. Тоа е светиот свештеномаченик Харалампиј. Нема поголема потврда за оданост и сведоштво на одредена идеја и увереност и припадност кон нешто, од сведоштвото со сопствениот живот, односно со смрт. Свети Харалампиј е еден од оние кои го жртвувале својот живот за Господа и за Неговата света Црква. Затоа Бог го прославил, како во небесната, така и во земната Црква, за да биде помошник на сите кои му се обраќаат со вера. Свети Харалампиј, моли Го Бога за нас! Амин.


Митрополит Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски г. Тимотеј

 

 

                             

Извор: Дебарско-кичевска епархија