Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (16.04.2020 14:13)

По повод најновите препораки на надлежните државни и здравствени институции во Татковината, а со цел за поефикасно спречување на ширењето на коронавирусот, кој според стручните мислења на епидемиолозите ќе го доживее својот врв следниве денови, Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) повторно упатува апел и уште еднаш грижливо се обраќа до клирот и народот со повик во целост да се почитуваат препорачаните мерки и утврдените насоки.

Во вонредните услови на пандемија, кога грижата за здравјето на ближниот е исклучително важна, Синодот повикува ова Воскресение Христово да се пречека и празнува со најблиските во домашната црква – во семејството. На овој Велигден храм нека бидат нашите срца во кои ќе воскресне Христос!

На воскресните свети Литургии свештенослужителите ќе се молат за сите. Вие, пак, коишто од оправдани причини ќе отсуствувате, од вашите домови смирено и достоинствено изразувајте ја вашата вера и со радост придружете се во пеењето на воскресната химна: „Христос воскресна од мртвите...

Сите да ги почитуваме најдобронамерните препораки на надлежните за доброто на сите! Воскреснатиот Христос нека ја исцели секоја човечка немоќ, а воскресенската радост нека ни биде постојана!

                                                                                               

 

                                                                        Од Канцеларијата на САС на МПЦ-ОА