Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (08.05.2020 16:04)

Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), уште од почетокот на појавата на здравствената криза во нашата земја и во светот, па сѐ до денес, однесувајќи се конструктивно, во сите свои официјални соопштенија постојано апелираше до верниот народ за почитување и придржување кон препораките кои водат кон сузбивање на пандемијата предизвикана од Ковид-19.

Во сиот изминат близок период, значаен од духовен аспект за православните христијани и за црковното живеење, вклучително и последните празнувања, верниот воцрковен народ, иако чувствувајќи ја насушната потреба од духовна храна, особено во вакви времиња, сепак остана послушен на апелите, сметајќи ги како акт на христијанска пожртвуваност и љубов.

Во овој дух, МПЦОА уште еднаш истакнува дека ги почитува и се придржува, а во таа насока и го повикува верниот народ кон исполнување на официјалните зададени мерки од страна на Владата и здравствените власти за социјална дистанца и носење соодветни заштитни средства.

Пребивајќи во постојана увереност во милоста Божја и чекајќи спасение од Господа (Битие 49, 18), поучени од духовната историја и словото на светите отци, во овој период да ги удвоиме силите и севкупниот напор и кон духовните мерки, односно духовните средства во вакви и слични состојби, придржувајќи ги и применувајќи ги зададените профилактички мерки од страна на одговорните.       

 

                                                                        Од Канцеларијата на САС на МПЦ ОА